Шерон Озборн: Кога открив дека Ози ме изневерува се обидов да си го одземам животот

од Stefanija Kuzmanovska

Познатиот рокер Ози Озборн (75), поранешен член на бендот Блек Сабат, е еден од најконтроверзните музичари во изминатите децении, а познато е дека ѝ бил неверен на сопругата Шерон Озборн (71) со која е во брак од 1982 година.

Тој, како и неговите колеги, секогаш бил опкружен со млади и убави девојки, но во еден момент имал и долга паралелна врска која му го загрозила бракот.

Како што беше откриено пред неколку години, Озборн имал афера со фризерката Мишел Пју од 2012 до 2016 година, а Шерон сега се отвори за тешкиот период кога дознала за неа.

„Тој секогаш, секогаш беше опкружен со девојки, така што сум навикната на тоа“, започнала Шерон во нејзината емисија Cut The C**p, за време на разговор со нејзината пријателка Џејн Мур.

Таа откри и дека тогаш се обидела да си го одземе животот:

„Но, кога тој ги знае имињата на тие личности, каде живеат и каде работат… Тоа е сосема друга работа бидејќи сте емотивно вклучени. Испив не знам ни самата колку апчиња. Си помислив: ‘Децата ми се големи, добро се и можат да се грижат за себе’. Затоа се затворив во бањата и се предозирав. Чистачката влезе внатре и ме здогледа“.

Во моментот кога Шерон открила дека Ози ја изневерува четири години, таа ја потврдила разделбата со рокерот и им се заблагодари на фановите за поддршката.

„Имам 63 години и не можам да живеам вака“, изјави Шерон во 2016 година во своето шоу The Talk. „Избегнав да гледам фотографии и да читам што било. Знам што се случува. Нема потреба да го читам и гледам тоа. Така само ќе си втријам сол во раната. Не ми треба тоа. Тој се врати, а сега јас ќе си заминам од дома“.

Меѓутоа, по некое време таа му прости, а Ози поради тоа ја нарече својата сопруга „божица“.

„Јас и Шерон никогаш не сме биле толку блиски како што сме сега. Тоа е прекрасно. Шерон е божица“, рече тој во интервју за „Сан“ во 2019 година. „Сите грешиме. Среќен сум што ми се врати. Некогаш седам и си мислам ‘Каде ми беше паметот?’, додека сум жив нема да разберам зошто го правев тоа“.

Двојката има три заеднички деца – Кели, Ејми и Џек Озборн, додека Ози има уште три: Џесика, Елиот и Луис.

Слични содржини