„Дрворедот на Орце Николов има 178 дрва. Исечени беа поради оштетувања. Ние имаме решенија, од 2019 и 2020 година. Отстранети се 8, треба уште 5, значи вкупно 13 дрва“, изјави градоначалникот на град Скопке, Петре Шилегов за сечењето на дрвата на улицата Орце Николов во Центар.
Според него, тоа е единствениот начин за да се одржи во живот дрворедот.
„Ако ги оставевме, на првиот ветер ќе паднеа врз нечиј автомобил или не дај боже човек. Тогаш е кривично дело да знаеш дека има решение за сечење, а да не постапиш“, посочи Шилегов.
Додека од Општина Центар тврдат дека дрвата биле стари и трули, граѓаните обвинуваат дека безмилосно се исечени и здрави стебла, со што е соголена улицата. „Со неколкуте суви дрва ги убија и најубавите високи стебла кои ја правеа Орце една од најубавите улици во Центар“, коментираат револтираните жители на населбата.