Шпанија е новиот европски шампион во ракомет, откако во вечерашното финале ја победи Шведска со 29-23. За Шпанија ова е прво европско злато и со тоа ја комплетира колекцијата на трофеи на оваа ракометна селекција, која во претходните четири финалиња на ЕП доживеа порази.

На почетокот на мечот и двете репрезентации брзо реализираа, а прв од голманите влезе во ритам Апелгрен. Шведскиот чувар на мрежата им овозможи на скандинавците да поведат со 7-4, но потоа Шпанците успеаја да се вратат во игра.
Сепак ракометарите на Шведска го добија првото полувреме и на одмор заминаа со два гола предност (14-12).
На стартот од второто полувреме Шпанците почнаа да играат „пет – еден“ во одбрана, со што им создадоа огромни проблеми на шведските ракометари.
Шест минути од вториот дел се играше без постигнат гол, а тоа го искористија шпанските ракометари и набрзо поведоа со 15-14.
Првиот гол за Шведска во второто полувреме го постигна Закирсон и тоа дури во 37. минута. Швеѓаните за 20 минути од во второто полувреме постигнаа само два гола и тоа придонесе Шпанците да ја преземат играта во свои раце.
Последните десетина минути од натпреварот Шпанците ги одиграа рутински, 29-23.
Соле и Балагер со по пет гола беа најаефикасни кај Шпанија, додека Штербик имаше осум успешни интервенции. Кај Шведска голманот Апелгрен имаше 15 интервенции, додека Нилсен беше прв стрелец со пет гола.