Шпанија одлучи да ги амнестира организаторите на референдумот за независност на Каталонија

од Симе Стоиков

Шпанскиот парламент денеска го усвои предлог-законот за амнестија на Каталонците кои организираа забранет референдум за независност во 2017 година, со што ќе се запрат правните постапки против стотици учесници. За законот гласаа 178 пратеници на левицата и регионалните партии, додека против беа 172 пратеници на десницата во 350-члениот парламент.

Со законот се укинува „кривична, административна и финансиска“ одговорност за лицата кои учествувале во промоцијата, подготовката и организирањето на референдумот од јануари 2012 до ноември 2023 година.

Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез доби нов четиригодишен мандат на крајот на минатата година бидејќи неговата малцинска влада беше поддржана од каталонските сепаратистички партии во замена за законот.

Санчез минатата недела изјави дека законот е важен за „помирување“ и „соживот“. Десничарските партии, кои гласаа против, го обвинија премиерот за „предавство“.Минатата недела илјадници демонстранти излегоа на улиците на Мадрид да протестираат против Санчез и веруваат дека амнестијата ќе ги поттикне поддржувачите на независноста да направат уште еден обид за отцепување.

Законот би можел да стапи на сила на крајот на мај откако Сенатот, горниот дом на парламентот, во кој седат претставници од регионите и кој може само да го забави, но не и да го собори. Во Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на северот на Шпанија, на 12 мај се одржуваат вонредни избори.

Доколку дотогаш стапи во сила законот за амнестија, на изборите би можел да учествува и поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон, кој е во егзил во Белгија.

Слични содржини