Штип во хумана акција да се соберат пари за лекување за малата Симона Хаџи-Тошев

од desk3

Деца и ученици од штипските градинки и училишта и од спортските клубови денеска беа дел од игрите на градскиот плоштад „Слобода“ во Штип со цел да се соберат што е можно повеќе финансиски средства за лекување на четиригодишната Симона Хаџи-Тошев, која боледува од леукемија.

Пријателите на семејството Хаџи-Тошев се дел од акциите што деновиве ќе се организираат низ градот, а еден од нив е и Борис Шарковски кој изјави дека досега се собрани над 30.000 евра и оти малата Симона и нејзините родители утринава се сместени во болницата во Загреб, каде ќе почне лекувањето.

– Потребни се дополнителни средства за понатамошното лекување и за претстој на родителите во Загреб затоа што ова лекување ќе трае малку подолго, веројатно од девет до 12 месеци, вели Шарковски.

Во хуманитарната акција се вклучи и штипскиот пејач Зоран Илиев, кој го иницираше концертот на плоштадот. 

Според градоначалникот Благој Бочварски, Штип повторно ја покажува хуманоста. Тој верува дека ќе се соберат сите средства за лекување на малата Симона.

Во Штип на неколку пунктови се поставени кутии од страна на Црвениот крст, а локални бендови на овие локации самоиницијативно организираат концерти. Фудбалскиот клуб „Брегалница“ донесе одлука парите од продадените билети на домашен терен до есенската полусезона да се донираат за Симона, а мото клубовите од регионов веќе сообраа средства. На социјалните мрежи постојано се упатува апел да се донира на жиро сметката 270-7000448932-95 Халкбанк-Скопје и на телефоните за донации 143460 на А1 и 143424 на Т-мобиле. 

Со оваа акција, Штип вторпат се солидаризира за се спаси детски живот.

Слични содржини