ШТО СЕ СЛУЧУВА? Кафето, какаото, мангото и лубениците исчезнуваат, зошто?

од Vladimir Zorba
2,3K прегледи

Ризикот дека растенијата како кафе, какао, лубеници и манго ќе исчезнат се зголемува затоа што исчезнуваат инсектите што ги опрашуваат, покажа новото истражување на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) и Природонаучниот музеј од Британија.

Студијата објавена во списанието Science Advances ја истражуваше врската помеѓу климатските промени, користењето на земјиштето и влијанијата врз биолошката разновидност на опрашувачите, откривајќи голема закана за опрашувањето на вошките на глобално ниво.

Студијата собра податоци од 1.507 фарми ширум светот и создаде каталог од 3.080 видови опрашувачи, што откри загрижувачки тренд – комбинираниот притисок на климатските промени и земјоделските активности доведе до значителен пад и на бројот и на разновидноста на опрашувачите на инсекти.

Растенијата кои зависат од животните за опрашување сочинуваат 75 проценти од сите култури. Моделот создаден од истражувачите ги покажа заканите за посевите до 2050 година.

„Нашето истражување покажува дека тропските растенија се изложени на најголем ризик кога станува збор за загуби на култури и опрашувачи, главно поради климатските промени и користењето на земјиштето.

Иако ризиците се најголеми во регионите како што се субсахарска Африка, северна Јужна Америка и југоисточна Азија, последиците би биле глобални поради трговијата со култури зависни од опрашувачи“, рече д-р Џо Милард од Природонаучниот музеј во Лондон, водечки автор на студијата.

Како најзагрозени растенија ги наведоа кафето, какаото, мангото и лубениците.

„Како што се намалува бројот на инсекти, така се намалува и бројот на култури кои зависат од нив. Во некои случаи, посевите може да се опрашуваат рачно, но ќе биде потребна повеќе работна сила и цените ќе скокнат“, вели д-р. Милард.

Д-р Тим Њуболд, професор на UCL и коавтор на студијата, рече дека климатските промени претставуваат закана не само за природната средина и биодиверзитетот, туку можат да влијаат и на човечките животи.

„Неопходна е глобална акција за забавување на климатските промени, како и за намалување на ширењето на обработливото земјиште, но и за заштита на опрашувачите од инсекти“, рече тој, пренесува UCL.

Слични содржини