Силна експлозија на Крим, се огласи Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Силна експлозија одекна денеска над Севастопол, стратешки важно пристаниште на Крим.

Русија објави дека соборила дрон, што сугерира дека Киев сè уште се обидува да изврши напади врз руските сили далеку од линиите на фронтот, на територијата контролирана од руските сили.

Михаил Развозаев, гувернер на Севастопол назначен од Москва, на апликацијата Телеграм објави дека руската Црноморска флота соборила беспилотно летало над морето.

„Нашата армија, како и секогаш, работеше добро“, додаде тој.

Да потсетиме, седиштето на руската Црноморска флота се наоѓа во Севастопол, на украинскиот полуостров Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година.

Од почетокот на војната, Русија лансираше крстосувачки ракети од бродовите на Црноморската флота кон украинската цивилна инфраструктура, вклучително и електричната мрежа.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека на Крим и Севастопол им се закануваат „терористички напади“, додавајќи дека „регионот е подготвен да ги одбие“.

„Ризици секако постојат, бидејќи украинската страна продолжува да организира терористички напади“, рече Песков, додавајќи дека „се преземаат ефикасни мерки за нивно спречување“.

Руската разузнавачка и безбедносна служба ФСБ денеска соопшти дека уапсила двајца жители на Севастопол под сомнение за предавство.

ФСБ тврди дека уапсените им дале информации на украинските безбедносни служби, односно дека со Украинците „за пари споделувале информации за локациите на институциите на руското министерство за одбрана“.

Слични содржини