Симовски ја претстави Методологијата за пописот: Граѓаните да ја сфатат оваа операција сериозно

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски денеска на прес конференција ја престави Методологијата за подготовка, организација и спроведување на пописот во април.

Секој податок даден за време на пописот ќе се проверува преку неколку бази на податоци, истакна Симовски, апелирајќи за веродостојност на информациите кои ќе бидат давани на попишувачите. Симовски рече дека покрај базата на МВР, во која се регистрира влез и излез од државата, ќе се користи и базата од министерството за здравство, но и други бази на податоци.

„Можеме сѐ да проверима така што апелирам, но и потенцирам дека сѐ ќе се проверува, никој да не се обидува да дава погрешни податоци бидејќи сѐ е проверливо и докажливо…апелираме сите граѓани да ја сфатат оваа операција многу сериозно бидејќи е во интерес на сите граѓани“, рече Симовски.

Околу тоа на колку прашања треба да одговорат граѓаните и дали ќе се прифатат непотполните прашалници, Симовски рече тоа зависи од профилот на лицето, дека системски се можни прескокнувања на некои прашања во зависност од одговорите и ќе се прифаќаат само целосно пополнетите прашалници.

Запрашан што ако дојде во тивок бојкот, дали ќе бидат релевантни тие податоци, тој нагласи дека тоа е статистичка операција и ако се одбие учество, тоа ќе биде на штета на граѓаните. Во однос на Ковид состојбата, Симовски рече дека е можно пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено.

Слични содржини