Млада македонска државјанка загина во Сирија. Веста за нејзината смрт беше објавена кон средината на месецов. Таа заминала во Сирија, откако претходно се посветила на учењето на кое почива Исламска држава.
Сиромаштијата, во комбинација со други фактори е главна причина за радикализацијата на младите во Македонија. Од над 150 македонски државјани, кои досега заминале од земјава на боиштата на ИД во Сирија и Ирак, како што нагласија полициски експерти во разговор за МИА мнозинството се со низок социо-економски статус.
Тенденцијата за ИД во моментов се намалува но Владата преку Комитетот за национална координација за борба против тероризам и спречување насилен екстремизам и превентивно ќе делува на повеќе полиња, меѓу кое и преку образованието, каде младите ќе учат дека „убивањето други човечки сушества во име на верата не е добро дело, туку криминал и тероризам“.
Главни чинители за радикализација на младите
Таткото на девојчето, кое загина во редовите на ИД во Сирија, пријавил во македонските служби да преземат одредени мерки со оглед на тоа што момчето, во кое таа се вљубила било од Македонија.
Исто така го следел нејзиното однесување во домот, кое било сменето откако преку социјалните медиуми, но и во контактот со момчето се запознала со верувањата и начелата на живеење на ИД. Дали најпрво се запознала со иделогијата, а потоа со момчето од Македонија, обратно или истовремено не е јасно.
Според доброупатени извори девојчето и момчето планирале заедно да заминат во Сирија и да се борат за целите на ИД. Меѓутоа тие го прекинале контактот и девојчето не заминало.
Таа продолжила да ја практикува идеологијата на ИД и потоа се запознала со шведски државјанин, кој исто така бил радикализиран. Заедно заминале за Сирија, каде служеле во редовите на ИД, за пред две недели да биде објавена информацијата за нејзината смрт.
Во обид да дознееме повеќе детали и да стапиме во контакт со семејството, МИА побара информација во Куманово, но сите со кои стапивме во контакт не сакаа да говорат за случајот.
Од досегашното искуство во оваа сфера, полициски експерти за МИА појаснуваат дека главна причина за радикализација на младите е социо-економскиот фактор, односно сиромаштијата, потоа неинклузивноста во општеството, образовниот систем кој во иднина треба да дејстува на зголемување на свеста, но и ред други фактори, семејство, односите во него, врсниците. Исто така предвид треба да се земат националистичката еуфорија, војната, која се водеше во 2001.
Според нивните сознанија од сите досега заминати големо мнозинство се со низок социо-економски статус, само неколкумина биле од повисоките кругови. Воглавно ги заведува идеологијата, значи тие веруваат во тоа што го прават, мислат дека прават нешто добро, добро дело за човештвото и за Алах.
Кога ќе дојдат во редовите на ИД се чувствуваат згрижено, не се платеници, но за нивните активности им се обезбедува живеалиште, жена, некои добиваат автомобили, велат полициски експерти.
Аналитичар за Блискиот Исток за МИА вели младите пред се заминуваат врзувајќи се за идеологијата, тие не се платеници. На нив влијаат повеќе испреплетени фактори, но има и случаи кога млади луѓе се вплеткани во криминални дела, што потоа се користи од врбувачите, кои им ветуваат искупување за стореното доколку се приклучат во редовите на ИД, но и можност да пљачкаат и вршат други криминални дела за добра цел „во борба против неверниците“.
Операции против ИД во Македонија
Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот, а македонските безбедносни служби во таа насока соработуваат со сите странски партнерски служби, велат во МВР.
МВР во 2014 година по измените на Кривичниот законик во однос на учество на македонски државјани во странски војници, спроведе акции против ИД во Македонија.
По акцииите Ќелија 1 и 2, првата во 2015, а втората следната година нема повратници од боиштата на ИД, како што се очекувало. Во првата операција беа уапсени девет лица, а по 27 осомничени се трагаше. Во втората беа успени четири лица.
Согласно Кривичниот законик од 2014 како доказ дека некое лице учествува во редовите на екстремистичка и терористичка организација се и фотографиии објавени на социјалните медуми, на кои тие на пример се сликаат со оружје. Со измените на Кривичниот законик се предвидува најмалку пет години затвор за секој оној кој ќе учествува во војна надвор од земјава.
– Го нема бранот на повратниците, што го очекувавме оттаму, велат полициски експерти.
– По затворање на бегалската рута во март 2016 година, секое движење од Грција кон Србија или обратно изминатите месеци е ирегуларно, вели во разговор за МИА, генералниот секретар на хуманитарната организација Легис, Јасмин Реџеп.
Додава дека тие движења се многу намалени и станува збор во просек за 20 до 30 луѓе дневно. Повеќето поминуваат со криумчари, што значи дека една од негативните појави на затворањето на балканската рута, како што појасни, е реактивирање на криумчарите и на трговијата со луѓе, што од една страна е небезбедно за самите бегалци, но и за самата држава.

– Се додека беше отворена рутата, кога луѓето поминуваа легално низ Македонија имавме регистрации и профилирање. Тогаш не беше забележан ниту еден случај на ектремисти или на луѓе од ИД кои поминале низ Македонија. Но сега кога рутата е затворена не знаеме кои се тие луѓе, нема регистрација, нема профилирање. Крајот на 2017 и почеокот на 2018 во Сирија ИД губи на територии, не се исклучува можноста дека такви луѓе поминуваат. Ниту ние невладините кои работиме на хуманитарна помош, ниту полицијата немаме евиденција, вели Реџепи за МИА.
Владата работи на превенција, наместо на репресија
Превенција, а не репресија, рано дијагостицирање на овие феномени во македонското општество се мерките, кои Владата планира да ги преземе, што пак е дел од реформите содржани во Планот 3-6-9.
Владата наскоро ќе усвои две стратегии. Едната ќе биде фокусирана на борба против тероризмот, а другата на превенирање на насилен екстремизам, каде секако спаѓа и радикалниот ислам.
Стратегиите за борба против тероризам и за спротивставување на насилен екстремизам се доставени до Владата од Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот. Претстои нивно усвојување и спроведување во пракса на мерките, содржани во нив.
Во Македонија, како што изјави за МИА, националниот координатор за борба против тероризам и спречување насилен есктремизам, Борче Петревски прв пат Стратегија за борба против тероризмот е донесена во 2011 година. Во 2014 година прв пат беше назначен национален координатор. Втората Стратегија е донесена во 2015 година.
САД и ЕУ и препорачале на земјава насилниот есктремизам како феномен да се одвои од тероризмот и фокусот да се стави на превенцијата, наместо на репресијата. 
Исто така како главен проблем, кој е посочен од ЕУ е недостигот на координација меѓу сите инволвирани институции во превенирање на овие феномени, нешто на што сега, како што рече Петровски, интензивно се работи.
При изработката на стратегиите предвид се земени пред се условите во Македонија и регионот на Западен Балан, но и европската стратегија, Стратегијата на ЕУ, на ОН, на САД, на Холандија.
Акцент на активностите ќе бидат подигање на свеста на младите. Треба да се подигне свеста, да се воспостави меѓуверски дијалог, толеранција.
Фокус на стратегијата е локалната заедница
– Треба да се почне од јадрото, месната заедница. Да се постигне национално помирување и градење вредности, да се подигне свеста на луѓето на локално ниво, преку НВО секторот, преку меѓународните организации. Целта е репресијата да се замени со превенција, да се воведе мек пристап, тие луѓе да се вратат во нормала, вели Петревски.
Во стратегијата намерно се користи поимот национален екстремизам, со цел да не се стави акцент само на една верска заедница. Изминатиот период, особено по настаните од 27 април во Собранието, но и со актуелните политички случувања забележливо е и активирање на претставници на МПЦ за политички цели, но сепак во другите конфесии не е забележан екстремизам, во кој се користи оружје и повик за „убиства на непријателот“.
Од септември е планирано на класните часови да се говори за темата насилен екстремизам, а со министерката за образование Рената Дескоска е разговарано вакви содржини за насилен екстремизам да се вметнат и во учебниците. Предвидени се обуки за настаниците, но и за родители на родителските совети.
Сето тоа би се правело преку локалните совети за превенција, кои во моментот во повеќето општини не функционираат. Затоа приоритет во соработката е ЗЕЛС, Министерството за локална самоуправа, градоначалниците.
Новиот случај на смрт на македонски државјанин во Сирија повторно го отвори прашање. Општо заклучок е дека интензитетот на дејствување на ИД како во светот, така и во Македонија е исклучително намален, но сепак одредени елементи се уште опстојат.
Надлежните работат на искоренување на феноменот, а обидите се пред се насочени кон превенирање на ваквите појави, односно подигнување на свеста на граѓаните за вистинските човечки вредности, пред се дека најсвето нешто е човечкиот живот, кој не смее да биде жртвуван за ничија идеологија.
Ана Цветковска / Борче Куновски МИА