Скопска премиера на краткометражниот филм „Малина“ на Синедејс

од Vlatko K
478 прегледи

 

 

Краткометражниот македонски филм „Малина“ ќе биде прикажан утре во 21 часот (вторник) во рамките на фестивалот Синедејс.

Филмот „Малина“ е дебитантско остварување на Анастасија Лазарова Пилинг, а во продукција на Никола Мадиќ односно „Монолит филм“.

Филмот обработува универзална тема за две тинејџерки и се случува во две деноноќија. Авторскиот приод на младата режисерка наметнува свежина во изразот со современа приказна за адолесцентите кои се во потрага по својот личен идентитет.

Соочувањето со љубовта и пријателството воедно пробувајќи да се изборат со стигмите, се фокусот на авторката на „Малина“.

Филмот е сниман три дена на препознатливи скопски локации како Музејот на современа уметност, скопскиот клуб „Станица 26“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Ивана Павлаковиќ а во останатите се појавуваат Стефан Спасов, Бојан Кирковски и Амернис Јовановска-Нокшиќи. Кинематографер е Наум Доксески, сценографијата и костимите на Илина Ангеловска, а монтажата на Владимир Павловски. Зад музиката е потпишан Дамјан Лазаров. „Малина“ премиерно беше прикажан на последното издание на фестивалот „Браќа Манаки“.