„Нема потпис, нема мир“ – порачаа професионалните сметководители на денешниот протест пред Министерството за финансии. Побараа итна средба со министерката Гордана Димитриеска – Кочоска бидејќи, како што велат, фелата смрди на неприродното влијание и профитот на консалтинг куќите. Според нив, на чело на Советот кој треба да врши надзор и на чело на најактивните комори на сметководители седат лица блиски до интересите на консалтинг куќите на кои законот им овозможи да им вршат задолжителни обуки.
Сметководителите велат дека со тоа, куќите имаат потполна контрола врз сметководствената фела од која остваруваат економски интерес. Порачаа дека на околу 3000 сметководители им е одземено правото на потпис на годишните сметки и стопанството е ставено во опасност од последиците од непредавањето на сметките.
На протестот изненадувачки се појави и министерката Димитриеска-Кочовска. Таа ги повика сметководителите да кажат каде е проблемот.
-Законот за сметководители беше донесен во 2022 година со јасно пропишани правила. Имало очигледно проблеми и на двете страни. Јас веќе имав средби со дел од претставниците на сметководителите и како резултат на тоа реков ќе најдам законско решение уште пред две недели. Меѓутоа, постапката е комплицирана. Овие се проблеми наталожени од пред две години. Не е нешто ново. За мене како човек од фелата е нелогично луѓе кои што 12 месеци работеле и книжеле или сметководствено евидентирале да не можат да потпишат заврши сметки. Немаме дилема, законот се чека и веќе е закачен во Собранието. За останатото, ќе треба да се разговара каде се пропустите во законот. Јас се согласувам деа вие сте единствената фела од која зависи комплетната евиденција на она што значи завршна сметка, ДДВ, персонален данок, а сте единствените кои што добиваат лиценца од друго место, кажа министерката во разговорот со сметководителите кои протестираат.