Собраниска делегација на КОСАК конференција во Мадрид

од Radmila Tasevska

Делегација на собраниската Комисија за европски прашања учествуваше на првиот ден од 70. пленарен состанок на КОСАК што од 26 до 28 овој месец се одржува во Мадрид како дел од парламентарната димензија на Шпанското претседателство со Советот на Европската Унија.

Согласно Деловникот за работа на Конференцијата на комисиите за европски прашања на парламентите на земјите-членки на Европската Унија, парламентите на земјите кандидати се поканети да учествуваат на пленарните состаноци на КОСАК како набљудувачи.

Во делегацијата на Комисијата за европски прашања, како што соопшти собраниската прес-служба, биле Арбер Адеми како претседател на Комисијата и Благица Ласовска и Санела Шкријељ како членови.

На Конференцијата присуствувале претставници на комисиите за европски прашања на парламентите на земјите членки на ЕУ, парламентите на земјите кандидати за членство и претставници на институциите на Европската Унија.

Конференцијата била отворена со поздравни обраќања на претседателот на Сенатот, Педро Ролан Охеда и претседателот на Конгресот на пратеници, Франсина Арменгол Социјас, кои осврнувајќи се на шпанските приоритети, безбедноста, компетитивноста, транзицијата кон зелена енергија и владеење на правото, нагласиле дека централна точка и на ова претседателство е економската и воената поддршка на Украина.

На сесијата насловена „Шпанско претседателство со Советот на Европската Унија“, главни говорници биле Хозе Мануел Албарес Буено, министер за надворешни работи и Пасквал Наваро, државен секретар за Европската Унија.

На оваа сесија се обратил и Арбер Адеми, кој изразил разбирање за актуелната геополитичка, безбедносна и енергетска ситуација, како и поддршка за приоритетите на шпанското претседателство, со благодарност што Западен Балкан уште еднаш е препознаен во контекст на политиката на проширување, како и важен столб на европската безбедност и стабилност.

Осврнувајќи се на тековниот скрининг процес што Владата го води во Брисел, Адеми информирал дека Европската комисија позитивно го оцени нивото на подготвеност на нашата администрација и одличниот старт на скрининг процесот. Додал дека земјава веќе поминала толку долг пат и дека процесот на скрининг напредува непречено. Тој истакнал дека е свесен за тековната работа за измена на Уставот и потенцирал дека во Парламентот се направени првите чекори и дека се надева дека сите страни ќе ја искористат оваа можност за европска иднина на земјата.

Адеми подвлекол дека очекува Унијата да остане кредибилен партнер кој преку различни механизми на ангажман и присуство во регионот, вклучително и финансиската поддршка, ќе му овозможи на регионот да напредува побрзо и поефикасно.

За време на конференцијата, собраниската делегација остварила средби со колеги од парламентите на земјите кои се членки на Унијата, како и со колеги од регионот.

Слични содржини