Состојбата со водостоите се смирува, вели Ангелов

од Vladimir Zorba

Состојбата со водостоите на реките во државава полека се смирува, нема нови врнежи и се очекува нивото на водата да се намали, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Ангелов нагласува дека коритото на реката Вардар во Општина Јегуновце сѐ уште е полно, но состојбата полека се смирува.

– Нема нови врнежи и очекуваме нивото на водата да падне, додава Ангелов.

Високото ниво на реката Вардар беше причина вчера околу 18 часот да почне излевањето на водата и до вечерта да се поплават дворовите на куќите во селото Раотинце во Општина Јегуновце.

– Нивото на Вардар е генерално зголемено сѐ до излезот на државата, но нема нови пријави за поплави, дополнува тој.

Хидроцентралата „Вруток“, како што информира, останува затворена и не се испушта вода во Вардар токму поради зголеменото ниво на реката.

Во однос на кочанската река која се излеа во Општина Чешиново-Облешево, село Облешево, и која зафати неколку дворови и земјоделска површина, тој рече дека утрово нивото на реката полека се намалува и очекуваат да биде стабилизирано во текот на денот.

За мостот на реката Пчиња, Ангелов рече дека тоа е во надлежност на локалната самоуправа и таа треба да процени дали ќе го остави во употреба.

– Но нивото е намалено и водата не претставува закана на мостот, рече тој.

Слични содржини