Советот на ЈО ја разреши Русковска од функцијата

од Nikola Popovski

Членовите на Советот на јавните обвинители едногласно ја разрешија поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска од функцијата јавен обвинител.

Советот донесе и одлука за намалување на платата за 30 проценти во траење од шест месеци на јавната обвинителката Ивана Трајчева, откако дисциплинската комисија на Обвинителството одлучи да побара разрешување на Вилма Русковска од нејзината обвинителска функција.

Станува збор за предлог од Државниот обвинител Љубомир Јовески, кој смета дека бил прекршен законот при упадот и претресот во Финансиската полиција и кај тогашниот директор Арафат Муареми.

Кон крајот на минатата година, Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе Решение со кои се поведува дисциплинска постапка против Русковска и двете обвинителки од тоа обвинителство Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Судирот околу претресот во Управата за финансиска полиција резултираше со суспензија и дисциплински мерки за обвинителките. Директорот на Управата, Арафат Муареми, поднесе оставка од директорската функција.

На 18 јули минатата година, Обвинителството за организиран криминал, изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Од Обвинителството тогаш посочија дека станувало збор за обемна документација и оти во истрагата биле опфатени повеќемина вработени во Управата. Русковска наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Инаку Финансиската полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.

Слични содржини