Неколку часа по прогласување на вонредна состојба на државата, сите сме уште повеќе сплотени и стоиме пред предизвикот да продолжиме сериознои одговорно да ги извршуваме своите задачи. Оваа мерка е вистинската мерка која ќе помогне во остварувањето на грижата, која за нас е најважна а тоа е јаното здравје и животот на граѓаните, рече премиерот Оливер Спасовски на прес конференција.
„Ве уверувам дека вонредната состојба ќе ја совладаме на најдобар можен начин, професионално користејќи ги сите државни ресурси, спроведувајќи ги и почитувајќи ги сите законски прописи за успешно справување и спречување на коронавирусот. Затоа е потребно да се однесуваме одговорно, почитувајќи ги мерките кои помагаат за наша лична заштита и за заштита на нашите семејства и околината каде што живееме. Во услови на вонредна состојба, ќе покажеме дека дисциплинирано и сериозно, секој од нас, сите државни и приватни институции, сите граѓани, секој од нас сме посветени на исполнување на своите обврски за општо добро и за доброто на нашите деца. Вонредната состојба која ќе трае 30 дена не значи дека ќе замре животот на граѓаните. Правата и слободите на граѓаните не се ограничуваат по автоматизам. Тоа не значи застој во слободниот транспорт, во деловите на прехрамбените производи, ниту снабдувањето на аптеките и болниците. Денеска се функционира нормално, нема нови рестрикции за движењето на граѓаните“, истакна премиерот Спасовски.
Тој посочи дека вонредната состојба не е по автоматизам ограничување, туку можност владата со Уредба во важност на Закон да донесе нови мерки, додавајќи дека непочитувањето на мерките ќе биде најстрого санкционирано.
„Исклучок од ова, сега за сега, се само подрачјата на Дебар и Центар Жупа. Ќе направиме се, оваа состојба да се смени на подобро колку што е можно побрзо. Остануваат мерките кои беа преземени претходно. За сите нови мерки, јавноста ќе биде известувана на дневна основа. Упатувам порака до највозрасната популација, останете дома. Ако имате некаква потреба, обратете се до својата општина и Црвениот Крст, тие ќе помогнат“, рече Спасовски.
Тој посочи дека економските мерки се преземаат со цел што е можно помалку да им се наштети на економијата и на стопанството.
„Ги преземаме и спроведуваме сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Одлуките се во насока што е можно помалку да им наштети и на економијата и на стопанството. Економските мерки што ги носиме и што ќе продолжиме да ги носиме имаат за цел да обезбедат одржливост на работата на компаниите и максимална заштита, да се зачуваат работните места на граѓаните и нивниот животен стандард. Со овастувањата што ги има владата, ваквите вонредни политики ќе можат полесно да се носат. Тоа ќе го правиме во постојана комуникација со стопанските комори и со синдикалните организации“, вели премиерот Оливер Спасовски.