„Спорт Били“ и „Монти Пајтон“ на Комисијата за финансирање и буџет

од desk4

На Комисијата за финансирање и буџет на чиј дневен ред е ребалансот на буџетот за 2021 година во говорите на пратениците од власта и опозицијата продефилираа и ликови од цртаните филмови. На репертоарот беа „Спорт Били“, злобната кралица Ванда и „Монти Пајтон“. Како филмски жанр, беа споменати и бурлеските.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски бранејќи го амандманот со кој се бараше 150 илјади денари од буџетот за две нови мерни станици за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух, во скопските населби Кисела Вода и Драчево, рече дека власта ништо не презема за да ги заштити граѓаните од загадениот воздух.

-Прво што направивте го укинавте „Денот на дрвото“ каде што и наставниците и учениците имаа шанси да садат дрва. Гледаме дека урбаниот тероризам во општина Аеродром се засили. Во вашата општина имаше посадено праз во фонтана. Внимавајте во македонскиот урбан простор постои „ластик систем“, рече Стојановски.

Според пратеникот од СДСМ Диме Велковски акцијата „Денот на дрвото“ започна како благородна идеја но, заврши со злоупотреба. Рече дека навистина постои „ластик систем“ но, додаде дека кога ластикот ќе се отпушти, може силно да удри.
-Децата во прво одделение учат дека ако се засади дрво на Кајмакчалан, во Скопје нема да биде почист воздухот. Да не ги мешаме работите. Ако направите масакар на драва во градот, тоа е друго правило. „Денот на дрвото“ според мене од благодарен проект излезе дека само 15 отсто имаше процент на зафаќање. Не навлегувам во тоа, како што милувате вие да зборувате за јавни набавки, на пример кои типови на садници и на кој начин се набавуваа. Не сум стручњак во таа област. Но се потрошија 700 милиони денари, затоа беше прекината оваа акција, рече Велковски.

Според Велковски, СДСМ не е „Спорт Били“ кој од својата волшебна торба можеше да извлече најразлични предмети за да ги реши  барањата на опозицијата.

Пратеничкаката на ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска Трајковска со амандман побара 20 милиони денари за енергетски фасади во општината Кисела Вода за да се намали потрошувачката на електрична енергија.
– И СДСМ во својата програма „Живот во Кисела Вода за сите“, се залагаше за промена на веќе постојните фасади, со енергетски и ефикасни. Не е точна реториката која во изминатите четири години постојано ја слушаме, дека загадувањето на воздухот се намалил. Ова е како Монти Пајтон, ако паметите на времињата имаше и други цртани филмови.
Амандманот на ВМРО-ДПМНЕ за енергетски фасади беше одбиен. Заменик минстерот за финансии Димитар Ковачевски рече дека во рамките на партнерството со Светска банка веќе е изготвен проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор.
– Овој проект има за цел креирање на одржливи механизми за енергетска ефикасност во јавниот сектор и во зголемување на енергетски ефикасни инвестиции во јавниот сектор во вкупна вредност од 25 милиони евра. Проектот има за цел намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор. Проектот ќе се имплементира преку проектната единица на Министерството за финансии. Се состои од три компненти. Првата се однесува на инвестиции во енергетски ефикасни проекти и обновлива енергија во јавни објекти како општиски згради и згради на централна власт со приоритет на јавни здравствени установи и јавно осветлување. Втората, за техничка помош за формирање на Фонд за енергетска ефикасност и третата, се однесува на почетен капитал за Фондот за енергетска ефикасност. Бидејќи веќе има средства за ваква намена, амандманот не се прифаќа, рече Ковачевски.

И.Т.

Слични содржини