Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски денеска соопшти декa наредната година ќе се изгради спомен-плоча за жртвите од катастрофалните поплави кои во 2016 година ги погодија Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Ченто и другите делови од општината. Стефковски ги повика сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива.
„Оваа спомен-плоча ќе биде вечен паметник – не само на трагедијата, туку и на храброста, солидарноста и човечноста кои ги покажавме како народ. Ќе биде место на тишина и размисла, на молитва и сеќавање, на почит кон оние кои не се меѓу нас. Сакам да ги повикам сите граѓани, институции и организации да се вклучат во оваа иницијатива – затоа што ова не е само обврска на општината, туку на сите нас како луѓе. Да покажеме дека не забораваме, дека знаеме да почитуваме и дека од болката умееме да создадеме сила. Нека споменот на нашите сограѓани живее вечно! Нека нивниот мир биде наша водилка кон подобра, побезбедна и посолидарна иднина“, стои меѓу другото во објавата на Стефковски.
Денеска се навршуваат девет години од катастрофалните поплави во Стајковци и околните села и Сингелиќ во кои загинаа 22 лица.
Во незапамтеното невреме и катастрофалната поплава беа евакуирани илјадници граѓани, а животот го загубија 22 лица. Најмладата жртва помеѓу загинатите е двегодишно дете од село Стајковци. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Голем дел загинаа на скопската обиколница, а некои од нив останаа заробени во домовите од најдојдената вода и се удавија неможејќи да излезат.