Стоилковски: Кадрите што се предлагаат во преговорите не треба да бидат компромитирани и да се посветени на реформите

од Nikola Popovski

„Преговарачкиот процес се базира на принципи, особено на евроинтегративниот процес, борбата против криминалот и корупцијата, како и од потребата од одредени реформи за забрзан економски развој“. Ова го изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде се преговорите со коалиционите партнери за формирањето на новата Влада.

Тој додал дека ВМРО-ДПМНЕ внимава на персоналните решенија кои што се нудат во коалициските преговори. Според Стоилковски, кадрите не треба да бидат ниту компромитирани на било кој начин и да се посветени кон работата и реформите кои што ќе следат.

„Засега она што може да се каже е дека преговорите се во напредна фаза, но се уште нема конечен договор и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваме никакви детали. Се разговара и за ресори кои што се од економска и политичка природа, но најважно е тие да ги прифатат принципите на Владата и генералните програмски определби“, појаснил портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

На конститутивната седница на Собранието на 28-ми мај треба да се избере верификационата комисија којашто ќе ги завери мандатите на 120-те пратеници, да се избере Комисијата за избори и именувања и потоа да се изгласа новиот собраниски спикер. За првата фотелја во Законодавниот дом се споменува името на лидерот на „Алтернатива“ од Коалицијата „Вреди“, Африм Гаши. Тој ниту ја потврдува, ниту ја демантира оваа информација. ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ги финишираат разговорите за новата Влада. Идниот мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера не коментираше околу преговорите, ниту спомена имиња, но повика на обединување и рече дека големата поддршка за нив значи и голема одговорност.

Новата Влада треба да се избере во јуни. Комуникација има и со движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, со коешто би се обезбедило двотретинско мнозинство за реорганизација на државната управа. Идејата е да има посебно министерство за спорт, „демографија“ и „млади“ да бидат дел од ресорот социјална политика, „труд“ да оди во Министерството за економија, а туризмот заедно со ресорот култура.

Слични содржини