Стоилковски: Пендаровски да одговори кој од него барал амнестија на Груевски

од Nikola Popovski

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска побара од претседателот Стево Пендаровски да одговори кој од него барал амнестија на поранешниот премиер и азилант Никола Груевски.

-Пендаровски веќе денеска мора да одговори кој тоа барал од него амнестија? Пендаровски вели дека бил цитирам „консултиран од некои актери на политичката сцена“ за амнестија, па затоа сега мора да биде прецизен и јасен, да наведе кој тоа од политиката го консултирал Пендаровски пред неколку месеци за амнестија?, рече Стоилковски на прес-конференција.

Пендаровски синоќа во емисијата „Трилинг“ рече дека бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“ за да го помилува Груевски.

Им реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но јас не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава за такви кривични дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, што не. Има судски постапки, низ судски постапки, за ‘мерцедесот’ се докажа, мислам дека и за шамарите во Центар се докажаа пресудите. На што би личело јас од оваа позиција тука да кажувам. Тоа не би го направил за мој најблизок роднина, а не пак за кој било друг политичар, изјавил Пендаровски.

Според него, со сегашните измени на Кривичниот законик поранешниот премиер не може да се врати во земјава како слободен човек. Тој исто така додаде дека не гледа како Груевски од Будипешта може да помогне во обезбедување две-третини за изгласување на уставните измени и внесување на Бугарите во Преамбулата, иако за такво нешто постои шпекулации во дел од медиумите.

Слични содржини