Страв и параноја на Балтикот: Балтичките лидери повикаа НАТО да го врати задолжителниот воен рок

Естонската влада ја промовираше идејата за „одбранбен данок“ за финансирање на зголемената воена потрошувачка на три отсто од БДП иако таква мерка веројатно нема да стапи на сила пред 2026 година.

од Бети Божиноска

Претседателите на Летонија и на Естонија ги повикаа другите европски земји да вложат поголем труд за подготовка за можен вооружен судир со Русија- од регрутација и посебен данок за одбрана до значајно зголемување на вложувањата во одбраната, пренесува „Фајненшл тајмс“.

Летонскиот лидер Едгарс Ринкевичс истакна дека европските земји треба да се вратат на нивоата на трошоци од времето на Студената војна и да размислат за враќање на задолжителниот воен рок за да ја зголемат работната сила во одбраната.

„Постои потреба од сериозна дискусија за регрутацијата. Никој не сака да се бори. Но, проблемот е што никој не сака да биде нападнат. И никој не сака да види Украина да се случува овде,“ рече Ринкевичс.

Западните лидери од неодамна упорно предупредуваат дека Москва може да ги нападне своите соседи – Естонија, Летонија или Литванија, трите балтички држави на источното крило на НАТО – во годините што доаѓаат. Русија постојано ги отфрла овие обвинувања како бесмислени и неосновани и повтори дека не сака конфликт со Северноатлантската алијанса.

Естонскиот претседател Алар Карис изјави во посебно интервју дека вреди да се размисли за посебен данок за финансирање на воените трошоци и дека Европа треба да се стреми барем да ги усогласи трошоците за одбрана со САД, што значи двојно зголемување од сегашните нивоа.

„Мора да направиме нешто. Да биде најмалку пола-пола меѓу Европа и САД. Тоа би било подобро за нас“, рече Карис.

Естонската влада ја промовираше идејата за „одбранбен данок“ за финансирање на зголемената воена потрошувачка на три отсто од БДП иако таква мерка веројатно нема да стапи на сила пред 2026 година.

„Тоа е еден од начините парите да се стават директно во одбраната и луѓето разбираат каде одат тие пари“, рече Карис.

Тој додаде дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп бил во право што ја повикал Европа да троши повеќе.

„Тоа е наша одбрана и треба да го направиме тоа за себе“, истакна Карис.

Во меѓувреме, во Европа се враќа регрутирањето: Латвија повторно го воведе задолжителниот воен рок минатата година, а Литванија и Шведска го направија тоа неодамна. Естонија, Финска и Норвешка не се откажаа од задолжителниот воен рок уште од Студената војна, додека Данска минатиот месец предложи регрутирањето да се прошири и на жените.

Во Велика Британија, генералот Патрик Сандерс, началник на Генералштабот, повика во јануари на формирање „граѓанска војска“ иако британската влада соопшти дека нема намера да го врати задолжителниот воен рок.

 

Слични содржини