Светот слави Ден на победата над фашизмот или Ден на Европа

од desk4
150 прегледи

Ширум Европа денеска се одбележува 9 Мај како Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа, во знак на сеќавање на завршувањето на Втората светска војна во Европа во 1945 година и почеток на создавањето на Европската унија, пет години подоцна.

Оваа година се одбележува 74-годишнина од завршувањето на Втората светска војна и 69-годишнина од започнувањето на иницијативата за создавање на денешната Европска унија.

Овие два  важни настана во историјата на Европа, како и секоја година, ќе бидат одбележани со низа манифестации и оддавање почит на жртвите на фашизмот и паднатите борци во Втората светска војна.

ДЕН НА ПОБЕДАТА

Денот на победата над фашизмот е ден кога нацистичка Германија потпишала капитулација во Втората светска војна. На денешен ден заврши Вторта светска војна, најкрвавиот судир во историјата на човештвото во кој загинале околу 55 милиони лица, од кои речиси 31 милион цивили, а повредени се околу 35 милиони луѓе. Војната се водела на териториите на тогашни 60 држави.

Во Берлин малку по полноќ на 8 мај, односно првите минути на 9 мај 1945 година е потпишана безусловна капитулација на нацистичка Германија.

Во име на Германија документот го потпишал фелдмаршалот Вилхелм Кајтел,  во име на Советскиот Сојуз маршалот Георгиј Жуков, а во име на западните сојузни британски воздухопловни сили генерал Артур Тедер.

Втората светска војна била првата целосна војна водена во Европа, Азија и Африка, како и во водите на Медитеранот, Пацификот и Атлантикот.

Почнувајќи оттогаш, овој ден свечено се одбележува во голем број земји во светот, и тоа во Русија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија, Таџикистан, Туркменистан, Украина, Узбекистан и во Израел од 2000 година.

Најголемата парада се одржува секоја година на 9 мај во Москва со голем марш на повеќе родови на војската и прелетување на авијацијата.

На таа парада секојпат се покажуваат и последните достигнувања на руската технологија, но и опремата од Втората светска војна.

Најголемата парата била во 2015 година кога се славеа 70 години од завршувањето на Втората светска војна, на која Русија го претстави своето најново оружје.

КАПИТУЛАЦИЈА НА ГЕРМАНИЈА

Биле потпишани две посебни капитулации. Најпрво била потпишана капитулацијата на Сојузничките сили во Ремс на 7 мај 1945 година, која стапила во сила на 8 мај во 23:01 часот по средноевропско време. Овој датум е познат како Денот на победата во Европа во повеќето западни европски држави. Другиот ден на победата во однос на Втората светска војна, познат како Денот на победата во Јапонија се прославува во август, и нема толкаво значење во Европа.

Единствениот претставник на Советскиот Сојуз во Ремс бил генералот Иван Суслопаров, чии ингеренции не биле сосема јасни, бидејќи тој не одржувал директен контакт со Кремљ. Кога сепак се одлучил да ја потпише капитулацијата како претставник на СССР, тоа го направил без никакви инструкции од Москва. Но ако не потпишел, Германија ќе капитулирала без учеството на Советскиот Сојуз. Сепак, и самиот верувал дека тој договор подоцна ќе биде заменет со нова верзија. Јозеф Сталин не бил задоволен од ваквото одвивање на настаните и верувал дека капитулацијата на Германија треба да биде прифатена само од страна на највисоките советски власти и потпишана во Берлин. Затоа тој инсистирал протоколот од Ремс да биде сметан за прелиминарен, а главната церемонија да се одржи во Берлин каде што тогаш бил присутен и маршалот Жуков.

Поради тоа била организирана друга церемонија на имот надвор од Берлин вечерта на 8 мај, кога веќе бил 9 мај во Москва поради разликата во временските зони.

ДЕН НА ЕВРОПА

Во земјите на Европската унија на денешен ден посебно значење има Денот на Европа, како ден кој ја означува пресвртницата во односите на европските земји и е отворен патот за создавање заедница на држави на тој континент.

Институциите на ЕУ традиционално на 9 мај ги отвораат вратите за граѓаните, а претставништвата на ЕУ ширум светот организираат различни активности и собири наменети за граѓаните, како што се дебати, концерти и посети.

Денот на Европа – 9 мај, е воспоставен како ден на сеќавањето на декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година,  која се смета за прв официјален чекор во создавањето на ЕУ.

Декларацијата била предлог за поранешните непријатели, Франција и Германија, да воспостават организација која заеднички ќе управува со нивните индустрии за јаглен и челик, со цел војната во Европа никогаш да не се повтори.

Предлогот доведе до создавање Европска заедница за јаглен и челик во 1951 година, претходник на Европската економска заедница, односно денешната ЕУ.

Слични содржини