Светските берзи драстично паѓаат, каматите се очекува дополнително да растат

од Vladimir Zorba

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела, бидејќи инфлацијата во западните земји се уште е на високо ниво, па централните банки најверојатно ќе продолжат да ги зголемуваат каматните стапки, што дополнително ќе го забави растот на економиите.

На Волстрит, Dow Jones минатата недела потона за 2 отсто, на 33.734 поени, додека S&P 500 се лизна за 1,2 отсто, на 4.398 поени, а индексот Nasdaq за 0,9 отсто, на 13.660 поени. Најголемата светска берза се најде под притисок откако извештаите покажаа дека американскиот пазар на труд и понатаму е силен. Расте бројот на вработени, како и платите.

А тоа значи дека трошењето и инфлацијата ќе останат на високо ниво, што би можело да ја натера американската централна банка да ги зголеми каматните стапки поагресивно од очекуваното. На состанокот во јуни, лидерите на ФЕД ги оставија каматните стапки непроменети додека не се види како сегашното заострување на монетарната политика ќе влијае на економијата и на инфлацијата.

Аналитичарите сметаат дека е речиси сигурно дека ФЕД на состанокот овој месец ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени. Досега се веруваше дека ова ќе биде последното зголемување на каматите во овој циклус кој трае повеќе од една година. Сепак, со оглед на новите податоци од пазарот на трудот, можно е ФЕД да продолжи да ги зголемува каматните стапки наесен.

„Извештаите укажуваат дека ФЕД не треба да биде загрижен за можното слабеење на пазарот на трудот. Напротив, новите податоци му даваат причина дополнително да ги зголемува каматните стапки“, вели Бред Мекмилан, директор на Комонвелт финансиска мрежа.

И на европските берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Лондонски FTSE се лизна за 3,7 отсто, на 7.256 поени, додека франкфуртски DAX потона за 3,4 отсто, на 15.603 поени, а париски CAC 3,9 отсто, на 7.111 поени.

Слични содржини