Свитолина по победата над Потапова: „Играм за да и помогнам на украинската армија и на луѓето во неволја“

од Vladimir Zorba

Облечена во украински бои, Елина Свитолина во вторникот ја победи Русинката Анастасија Потапова во Мексико и рече дека нејзината мисија е да го обедини светот на тенисот зад нејзината земја по руската инвазија.

Свитолина првично одби да го одигра својот воведен меч против Потапова на Монтереј опен, но продолжи откако тениските власти одлучија да им забранат на руските и белоруските играчи да се натпреваруваат под името и знамето на нивните земји.

Беше 6:2, 6:1 на овој натпревар на 15. и 115. тенисерка во светот.

„Мислам дека мојата мисија е да ја обединам нашата тениска заедница да застане на страна на Украина, да и помогне на Украина, бидејќи ова низ кое поминуваме е ужасна работа за сите Украинци“, изјави поранешната бр.3 тенисерка во светот по победата.

„Затоа сум тука. Затоа играм за мојата земја и давам се од себе користејќи ја мојата платформа и моите ресурси за да ја претставам и да се обидам да ги повикам луѓето да ја поддржат Украина“, истакна таа.

Свитолина рече дека ќе донира парична награда од турнирот за украинската армија.

Играчите разменија неколку зборови по натпреварот пред Свитолина да покаже дека ја цени поддршката од публиката.

Телевизиската графика имаше празен простор до местото каде што инаку би било знамето на Русија до името на Потапова.

„Не играм само за себе. Јас играм за мојата земја, играм за да и помогнам на украинската армија и на луѓето во неволја. Секоја победа што ќе ја постигнам ќе биде многу посебна“, додаде Украинката.

Слични содржини