Тахири: Ова е последен мандат на Курти како премиер на Косово

од Radmila Tasevska

Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Абељард Тахири изјави дека ова е последен премиерски мандат на актуелниот шеф на косовската влада, Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите во Собранието на Косово, Тахири рече дека „најголемата услуга што Албин Курти може да ја направи за Косово е да поднесе оставка“.

– Тој нема да има ниту бројки, ниту можност да направи втора влада. Секој ден се обидува да си го продолжи мандатот и гледате во каква каша е државата, рече Тахири.

Одговарајќи на денешната изјава на Курти дека опозицијата „ќе ја снема“ доколку се одржат вонредни избори, шефот на пратениците на најголемата парламентарна опозициска партија рече дека е очигледно оти премиерот „се плаши од оваа опозиција“.

– Самиот факт дека му оди умот кај опозицијата покажува дека се плаши од оваа опозиција и една работа е сигурна: дека владата во наредниот мандат, кога и да се одржат избори, било порано или подоцна, нема да може да ја формира Курти, рече Тахири.

Курти на денешната прес-конференција, на која информираше за минатонеделниот состанок во Брисел со српскиот претседател, Александар Вучиќ, беше запрашан за можноста за одржување предвремни избори, како што бара опозицијата, на што одговори дека тоа би било на штета токму на опозицијата.

– Опозицијата час бара моја оставка, час мое разрешување и понекогаш предвремени избори. Морам да кажам дека предвремените избори во Косово не ѝ одговараат ниту на власта ниту на опозицијата. На опозицијата не ѝ одговараат избори затоа што губат, а на власта не ѝ одговараат затоа што опозицијата ќе ја снема. Заинтересиран сум да ја поразам опозицијата на избори, но не и да ја елиминирам, рече Курти.

На оваа изјава на Курти претходно реагираше и шефот на пратеничката група на другата опозициска партија, Алијанса за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири, кој рече дека косовскиот премиер станал комичар и дека ја изгубил политичката моќ.

Тој го повика Курти да излезе на избори – „ако смее“.

Слични содржини