Tалибанците застрелале двајца гости на свадба затоа што пуштале музика, соопштија денеска локалните лидери и очевидци, а потегот го осуди дури и талибанската влада.

Лице блиско до жртвите изјавило дека талибанската милиција пукала на свадба во источниот град Сорхуд, откако ги затекнала сватовите како слушаат авганистанска музика, при што членовите на милицијата убиле две лица, а две се ранети.

Талибанците забрануваа секаква нерелигиозна музика во текот на нивниот претходен режим од 1996 до 2001 година.

Иако новата исламистичка влада сè уште нема донесено никаков закон по однос на ова прашање, сепак верува дека нерелигиозната музика не е во согласност со исламскиот закон.

„Младите пуштаа музика во една просторија, дојдоа тројца талибанци и пукаа во нив. Двајца од ранетите се во тешка состојба“, изјавил очевидец.

Кази Мула Адел, портпарол на локалната власт на провинцијата Нангархар, го потврди инцидентот без да даде други детали.

Портпаролот на владата во Кабул, Забихула Муџахид не ја потврди веродостојноста на инцидентот, но додаде дека талибанците не одобруваат такво насилство.

Слични содржини