Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави документ со кој ја редефинира нејзината стратегија за национална безбедност во согласност со политиката на претседателот. Стратегијата за национална безбедност (СНБ) на Белата куќа од 33 страници, објавена минатата недела, ги привлече насловите со пристапот „Америка на прво место“ во кој „деновите кога САД го потпираа целиот светски поредок се завршени“. Во неа се критикува Европската Унија и се зборува за враќање на „стратешката стабилност“ со Русија – добивајќи пофалби од Москва.
Дали е ова документ кој може да ја преобликува Европа и кои се негативните страни?
Факт е дека по влегувањето на Трамп во Белата куќа, она за што до сега само се зборуваше, наслутуваше или нагаѓаше, низ фрагментирани агресивни трговски одлуки, сега добива друга продлабочена и подолгорочна физиономија, во форма на нова Национална Стратегија за безбедност на САД. Некои го коментираат стилот, некои должината на документот, но како и да е тој напишан, како официјален јавен документ ќе претставува рамка во која ќе се развиваат и ќе се движат политиките на САД во наредниот период.
Според државниот советник за европски политики и експерт во областа, Драган Тилев, имајќи ја предвид големината, воената и економската моќ на САД и нејзиното влијание на глобалните движења, никој, колку и да е голем или мал, не може и не треба да остане пасивен набљудувач на директните и индиректните последици од оваа Стратегија.
-Ние сме стратешки партнер со САД и тие се исклучително важни за мирот на Балканот, и тука не мислам на Западниот Балкан, туку Балканот како географска целина. Во исто време ние сме и членки на НАТО, и кандидати за полноправно членство во ЕУ. Нашата политичка ориентација не смее да се смени, но мора да се прилагоди на новите односи.

Фото: Printscreen/Youtube/Fox
ЕУ е исто така извонредно моќна економска заедница, но со ограничена политичка моќ и лимитиран воен потенцијал, што ја прави ранлива на секое глобално поместување, особено кога тоа се случува во САД, клучниот партнер на ЕУ изминатиот период после Втората Светска Војна. Украина е точката преку која ќе се прекршат многу одлуки кои ќе имаат влијание и на односите помеѓу САД и ЕУ, а со тоа влијание и на нашата надворешна политика и одлуки, сакале ние или не, посочува Тилев.
Тој истакнува дека САД не можат да влијаат директно на движењата во рамките на ЕУ, но индиректното влијание е видливо и ќе се почувствува многу брзо.
-Стратегијата, а преку интервјуто на Трамп за „Политико“ речиси отворено заговара поддршка на силно десно ориентирани политички партии и движења, ставајќи ја под знак прашање досегашната демократска темелна подлога на која почиваа евро-атлантските односи, но и безбедносниот чадор на САД, а со тоа и на единството на НАТО. Потенцијалот за трговска војна се зголемува, а со тоа и јакнење на глобалните ривали како Кина и Русија.
Како позитивен елемент од стратегијата произлегува фактот дека ЕУ се поттикнува да се осамостои во својата одбрамбена политика и воен потенцијал, односно развивање на сопствена воена индустрија, што може да придонесе и кон згуснување на редовите во ЕУ, или барем помеѓу оние кои веруваат во иднината на ЕУ, објаснува Тилев.
Во него се зборува дека „Европа се соочува со можноста од цивилизациско уништување“. Околу дилемата на што се базира ова тврдење, соговорникот укажува дека миграцијата како политика беше во центарот во првиот мандат на американскиот претседател и беше за очекување дека во засилена форма и уште поодлучно, ќе се врати и во овој негов втор мандат.
-Фокусот на оваа политика се рефлектира и низ призмата на новата Стратегија, преку која се гледа и на ЕУ и нејзината иднина. Факт е дека во Европа со нагласена слобода на движење и барем во минатото, либерални политики во однос на миграциите пред се заради потреба од работна сила, но и заради демократскио капацитет на Унијата, миграционите движења беа клучно политичко прашање. Преку миграциските политики се прекршуваа клучните судири и несогласувања внатре во Унијата, од нагласена либералност, до крајна рестриктивност. Темата и денеска е една од најактуелните, веднаш после темата за украинската војна и агресијата на Русија врз Украина.
Но, факт е дека Стратегијата на САД не алудира само на опасноста од миграциите, туку и од прогресивните социјални политики на ЕУ, кој го слабеат економскиот потенцијал и конкурентската способност на Унијата, што се рефлектира на нејзината способност самата да развива одбрамбена политика и воен потенцијал кој е неопходен заради глобалните политички движења.
Во ваков геополитички однос на силите, за САД е важно да има силна ЕУ покрај себе, која ќе може да го носи својот товар и економски и воено, за да може да им се одговори на глобалните предизвици низ призмата на воено агресивната Русија која е непосредна опасност за ЕУ, но и на економски амбициозната Кина, која ја предизвикува директно доминацијата на САД на глобален план.
ЕУ мора соодветно да одговори и преку единство и резолутни политики и одлуки да си го задржи своето економско влијание, но и да покаже дека може воено да одговори на секој предизвик преку политика на „одвраќање“, анализира Тилев.
„Поверојатно е дека, најдоцна за неколку децении, членките на НАТО ќе станат претежно неевропски“, се наведува во документот од 33 страници. „Легитимно е да се прашаме дали тие ќе го перцепираат своето место во светот или својот сојуз со Соединетите држави на ист начин како оние што ја потпишаа повелбата на организацијата“, се додава во текстот.
Документот, исто така, повикува на „поттикнување отпор“ во Европа, користејќи необичен јазик за главните сојузници на Америка. Администрацијата на САД ја критикува „цензурата на слободата на говорот и угнетувањето на политичката опозиција“ во Европа, особено алудирајќи на напорите на етаблирианите политички кругови во Западна Европа и Брисел за ограничување на подемот на крајната десница во одредени земји, па дури и повиците за нивно забранување.
Текстот, исто така, ветува дека нема да има натамошно проширување на НАТО, трансатлантскиот сојуз во кој САД се клучната сила, со што повторно се задушуваат надежите на Украина да стане членка.

Фото: Facebook/European Union in the United States
Државниот советник потенцира дека веќе сме сведоци и изминатиот период на вакви чекори на САД, кои сега се потврдени со новата Стратегија. Нивната трговска политика и воопшто т.н. трансакциска политика, односно се има цена и се може и мора да се плати или наплати, е невообичаена, нова и според многумина ќе биде вистински предизвик за партнерските односи помеѓу САД и ЕУ.
-За нас е важно овие односи да се постават на здрави темели, но и со почитување на политичкиот и територијален интегритет на Унијата, секако и нашиот, како и слобода во демократското изјаснување на сите ниово, без мешање во внатрешните политики на Унијата, но и на нашата. Се разбира, судбината на помалите и послабите е дека не секогаш ќе имаме ниту можност ниту простор а понекогаш ниту време да се произнесеме. Глобалните политики и одлуки се донесуваат на друго место, и без наше присуство и учество. Проактвниот однос кон нашите стратешки партнери, со зачувување на нашиот териотријален интегритет и суверенитет е приоритет, е единствената формула која може да ја примениме. Не случајно е кажано, малите држави мора да имаат силна и проактивна дипломатија, за да можат да влијаат на одлуките на големите, и без свое присуство, нагласува Тилев.
Додава дека важноста на еден официјален документ кои произлегува од САД е неспорен, тој не може и погрешно е да се игнорира или да му се намалува потенцијалот за влијание на глобални движења. Сепак, посочува дека прерано е за констатација дека САД веќе не е сојузник на либералните општества.
-Како пример, претседателот Трамп креира политички и економски пријателски политики и со либерални општества како што се тие на Финска, Норвешка, Обединетото Кралство. САД и ЕУ се се уште најголеми сојузници и најсилни партнери на глобалната сцена, а тие се и клучните играчи во рамките на НАТО воениот сојуз, дециден е Тилев.
Во однос на позиционирањето на Македонија и нашите односи и политики со САД, експертот вели дека не може да ја окарактеризира нашата политика како поданичка, но се разбира дека кон таков можен стратешки партнер како што се САД мора да се негуваат блиски, пријателски односи и интензивен дијалог за да може да им се пренесат на време и нашите позиции, аргументи и ставови, барем по однос на прашања кои се од наш непосреден интерес.
-Ќе мора да покажеме и зрелост и спремност да се носиме со предизвиците кои самата Стратегија ги нагласува, и тоа, потенцијалната нестабилност на НАТО кој за нас е безбедносен чадор, зголемите трошоци за одбрана на земјата и внатрешна безбедност ќе нагризе некои од другите неоходни издатоци, на пример во социјалната сфера, а можноста за зголемен притисок и влијание од Кина и Русија ќе се зголеми.
На економски план веќе имаме трговска неизвесност предизвикана од унилатерланите одлуки на САД и воведените тарифи, кои навистина се намалени во однос на иницијалните, но сепак предизвикуваат неизвесност што се одразува неповолно и во однос на потенцијалните инвеститори, странски и домашни.
Евидентно е отсуство на очекуваниот притисок од страна на САД за натамошно проширување на Унијата, што за нас значи намален притисок за продлабочени реформи и смирување на билатералните тензии со соседите. Всушност видливо е дека дури и при честитањето на националните празници или денот на независноста веќе ЕУ и потенцијалот за проширување и наше членство во ЕУ не се ниту споменува. Така е и за нас и за сите аспиранти за членство во ЕУ. Евидентно таа битка ќе мора самите да ја извојуваме, заклучува Тилев.
Н.П.