Соопштение на Транспарентност Македонија во врска со случајот „Пуч“:

Transparentnost_Makedonija

Во РМ, нетранспарентноста на работењето на органите на власта ја достигнаа својата кулминација, што претставува директна закана за уставниот поредок и за безбедноста на граѓаните и на целото општество.

Република Македонија се наоѓа во политичка и во правна криза. Во таа смисла, ТМ посочува на следниве основи проблеми, кои сме ги констатирале и претходно, а особено доаѓаат до израз преку актуелниот случај наречен „Пуч“:

1. Изврашната Власт, не го почитува начелото на поделба на власта гарантирано со Уставот на РМ. Премиерот, во своето последно обраќање до јавноста гарантирајќи ја транспаретноста на судската постапка за случајот „Пуч”, противуставно се постави над другите органи на власта, особено над судската власт. Со тоа, тој ја потврди грижата на меѓународната заедница дека во РМ, е избришана границата помеѓу државата и партијата. Потсетуваме дека Органот на извршната власт-Премиер, нема мандат ниту да гони, ниту да гарантира тек на судската постапка, вакво нешто е спортивно на Уставот на РМ.

2. Загрижени сме затоа што истражните органи не поведуваат постапка за протекувањето на наводните доказни материјали за кои не е јасно како се прибавени. Со ова работата на обвинителството сериозно е доведена во прашање. Уште повеќе што обвинителството беше посебно таргетирано и во последната реакција на Амбасадата на САД во РМ.

3. Органите на власта не ги почитуваат законите и не водат сметка за чл. 316 од Kривичниот законик, според кој е забрането давање на податоци и на документи, а не добивање на истите.

4. Лидерот на опозицијата има должност да ги обзнани сознанијата и да ги предаде доказите за тешки кривични дела на надлежните државни органи. ТМ е на ставот дека тоа треба да се направи.

5. Истражните органи настојуваат да прикажат дека доказите за кривични дела се незаконито прибавени. Но, дури и да е така, тоа не значи по автоматизам дека се јавува сомневање за пријавувачот на кривичното дело, напротив, со Законот јасно и недвосмислено се укажува дека општествениот интерес за објавување и процесуирање на сериозен криминал и корупција претежнува над интересот за заштитата на приватноста на поединци и сл. Дополнително, Законот за спречување на корупцијата има одредби за заштита на пријавувачите, и таа треба да се почитува.

6. Во конкретниот случај гледаме дека притисокот на власта е насочена кон тој што пријавува криминал, а се прават напори доказите за криминалот да се прикријат, да се прогласат незаконити и веројатно да се класифицираат и на тој начин да се спречи нивното објавување.

7. Ги потсетуваме избраните и именуваните функционери на власта дека имаат повеќе одговорности отколку права, што ги разликува од положбата на обичните граѓани Затоа, Транспарентност Македонија согласно принципите и задачите, конкретно, во врска со случајот Пуч :

Потсетува на Член 16 од Уставот на РМ , според кој цензурата е забранета и со кој се гарантира слободата на совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавното информирање. Се гарантира слободниот пристап до информациите од јавен карактер, слобода на примање и пренесување информации. Се гарантира правото на одговор во средставта за јавно информирање, се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата.

Затоа, ТМ апелира до медиумите и покрај заканите од страна на Јавниот обвинител Зврлевски, да бидат максимално одговорни и внимателни во однос на тековните настани, да ги објават материјалите од т.н. „Бомба“ кои очекуваме да бидат објавени и да известуваат објективно и во интерес на јавноста.

Од сите политички партии во РМ очекуваме надминување на партиските интереси и фокусирање и дејствување во насока на заштита на сите граѓани.

Од меѓународната заедница очекуваме јасни, недвосмислени и прецизни реакции, бидејќи само така може да помогне во разрешување на оваа правна и политичка криза.

Ги повикуваме сите органи на власта (законодавната, извршната и судската) максимално почитување на Уставниот поредок и на законите на РМ.

Слични содржини