Трибина: Критиката му е неопходна на театарот

од desk2

Критиката е за да имаме подобар театар, а не преку неа некој да се чувствува навреден, беше речено на денешната трибина организирана во рамки на 53. МТФ „Војдан Чернодрински“.


Трибината „Театарската критика денес“ се одржа напладне во фоајето на Домот на културата „Марко Цепенков“. Дебатираа театролози, критичари, новинари, актери и директори на македонските театри.
Според модераторот, театрологот д-р Ана Стојаноска, критиката му е насушно потребна на театарот.
– Денешната трибина е одличен повод јавно да се проговори за потребата од сериозна, издржана, квалитетна театарска критика во Македонија. Со едуцирање на публиката и потенцирање на потребата за критика од театарските уметници, македонскиот театар има можност да стане релевантен фактор во културата, рече Стојаноска.

За театарскиот критичар Тодор Кузманов, театарската критика е сложена и деликатна работа, но е творечки процес.

– На трибината на Фестивалот се рече дека критиката треба да биде анализа или толкување на драмската претстава, но на патот на остварувањето на ваквите цели стојат многу замки, па излегува дека театарската критика е благородна, но не и благодарна работа. Како да не постои подготвеност кај поширокиот круг консументи на театарската критика, кај луѓето што ги прават претставите – да се соочат, најпрво, со различно мислење за претставите, а потоа и со судови кои не мора да им се допаѓаат. Според тоа, настануваат анимозитети меѓу оние што критикуваат и оние што се консументи и го восприемаат тоа, рече Кузманов.
Според учесниците на трибината, критика има, но ја нема вистинската, објективната, аналитичната критика, па произлегува дека каков е театарот, таква е критиката. Се покрена и прашањето за формирање фонд, евентуално преку Министерството за култура, за критичарите да може пообјективно да ги оценуваат тератарските претстави. Мора да се смени и односот на медиумите, сега е крајно скромен, кон културата, кон театарската критика и следењето на театарските претстави.

На трибината се презентираше и платформата за филмска и театарска критика гледај.мк. – Сметаме дека преку оваа платформа ќе создадеме нов простор за младите рецензенти во Македонија да творат, пишуваат и да бидат читани, рече Атанас Димитров од МКЦ – Скопје, поканувајќи ги сите да ги следат активностите на платформата и со тоа да го поддржат развивањето на домашната критика.

Слични содржини