Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Велес: Политика на рамен данок, дигитализација и зголемена ефикасност на даночната администрација

од Radmila Tasevska

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина за Економска платформа за иднина на тема „Нов концепт за економски развој“ што се одржа во Велес порача дека ќе ја продолжи политиката на рамен данок, ќе реалоцира една милијарда за проекти за општините, и како што потенцираше, ќе понуди мултинационални компании во светот да ги пренесат своите профитни центри во земјава.

-Според сите мерења на јавното мислење, како прв приоритет граѓаните го посочуваат проблемот со нискиот стандард, ниските плати, економијата. Изминативе шест и половина години владата на СДС и ДУИ ја заковаа државата на дното, во регионот и Европа според економските параметри, дали е тоа раст на БДП, странски инвестиции, домашни инвестиции, рече Мицкоски на трибината.

Тој потенцираше дека во иднина има намера да ја продолжи политиката на ниски давачки, односно рамен данок што, како што подвлече, е карактерна особина и претпознатлив реформски потег кој го почна ВМРО-ДПМНЕ.

-Владата на СДС во одреден период осцилираше и воведуваше прогресивен данок и создаде непријатна атмосфера во бизнисот, атмосфера на непознато и на тој начин бизнисмените не инвестираа, не отвораа работни места, а економијата тапкаше во место и сега сме последни позади Косово, рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе воведе пакет кој ќе опфати понуда до мултинационални компании во светот да ги пренесат своите профитни центри во Македонија.

Мицкоски го потенцираше и проектот со кој се планира реалокација на средства од државниот буџет кон општините, за финансирање на проекти кои се важни за граѓаните. Мицкоски посочи дека тоа се проекти како водови, канализација, патишта, училишта, градинки.

Во однос на изградба на т.н. агрофотоволтаик кој што се протега во делот меѓу Штип и Свети Николе, како и фотоволтаикот во општина Пехчево, Мицкоски рече дека не е против инвестиции во производни капацитети посебно за електрична енергија, но посочи, кај овие две инвестиции условите не се исти како за сите останати.

-Ќе кажам зошто не се како за сите останати. Да речеме овој условно кажаниот инвеститор што планира да нареди земја од неколку стотици хектари плодна помеѓу Штип и Свети Николе, ќе нареди фотоволтаици на околу 500-тини хектари земјоделска плодна почва од прва, втора и трета категорија. И луѓето кои што денеска ја обработуваат земјата, и луѓето кои што таму ги хранат своите семејства ќе го изгубат тоа право. И замислете таа почва и таа земја ќе му се отстапи по 0,14 денари за м2 закуп. А, има право потоа да ја даде повторно на некои индивидуални земјоделци според ценовникот кој што го има државата, а тоа е 70 денари по м2. Значи тоа е 500 пати повеќе. И од само тоа може повеќе од 9 милиони евра да заработи годишно, рече Мицкоски.

Дополнителниот  заменик министер за финансии Елена Петрова, на денешната трибина посочи дека даночната администрација треба да биде сервис на бизнисот, а не пречка.

-За една успешна економија потребно е едно деловно опкружување во кое што компаниите би можеле да работат непречено, непречено да го реализираат својот бизнис, а за тоа им е потребна една ефикасна даночна администрација, ефикасна УЈП и државна администрација која ефикасно ќе им дава поддршка и услуги за да го помогне нивниот бизнис, наместо да им поставува бариери и пречки во извршувањето на бизнисот, рече Петрова.

Членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески посочи дека со СДСМ и ДУИ економијата стагнира, денарот за две години е обезвреднат за 25 проценти. Тој во своето обраќање на дебатата рече дека ВМРО-ДПМНЕ креира поинаков пристап и ќе ги поддржи бизнисот и сите производни сектори со цел подобар животен стандард.

-Во последните 15 години светот помина низ две големи глобални кризи, 2008/9 година и оваа со пандемијата. Во време на првата финансиска и економска криза на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и според сите меѓународни институции, Македонија помина најдобро и најбезболно во текот на таа криза. Сега сме најлоши од аспект на справување со кризата по пандемијата која што многу пократко траеше од онаа претходната. Тоа зборува за пристапот за капацитетот што може една влада предводена од ВМРО -ДПМНЕ да го испорача, рече Славески.

Слични содржини