Црвениот крст почна кампања за набавка на инкубатор за бебиња сместени на Детската клиника

од Берта Китинска

Црвениот крст во рамки на одбележувањето 75 години постоење денеска ја најави кампањата за обезбедување парична донација за Одделот за неонатологија при Универзитетска клиника за детски болести, која ќе трае до 17 март.

Средствата што ќе се соберат ќе бидат наменети за набавка на инкубатор за предвремено родени и болни бебиња сместени на Детската клиника.

Заинтересираните граѓани можат да донираат со повик на телефонски броеви и со уплати на Фондот на Црвен крст за солидарност.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити на прес-конференцијата истакна дека 75 години, оваа година одбележуваат со слоганот „75 години каде е потребно“. Додаде дека тие сметале дека овој момент и денеска е потребно да се тука и е потребно сите да се организираме и да ја насочиме нашата волонтерска хуманитарна активност во правец на обезбедување на поддршка за Детската клиника, конкретно за обезбедување на инкубатор.

Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓориевска апелира нашите граѓани да станат свесни дека има потреба од набавка на многу скапа опрема од типот на инкубатори и да ја покажат својата општествена одговорност и ќе донираат во овие цели.

Директорката на Клиниката за детски болести, Наташа Најдановска Алулоска увери дека со оваа кампања ќе успеат да ги подобрат можностите и да се пружи шанса овие мали бебиња да израснат во големи луѓе во нашата земја.

Најдановска Алулоска посочи дека на Одделот за неонатологија годишно престојуваат 50 до 60 предвремено родени бебиња, кои што се бебиња со мала родилна тежина и на кои им се потребни инкубатори за престој во овој критичен период од нивниот живот. Таа додаде дека моментално на Одделот има три предвремено родени бебиња и најмалото бебе тежи 1,500 грама.

На новинарското прашање околу тоа колку инкубатори би биле потребни за да се задоволат потребите на двата одела на Детската клиника, Најдановска Алулоска информира дека на Одделот на неонатологија би биле потребни уште три инкубатори.

Слични содржини