Туристите во Мексико плаќаат по 20 долари за една вечер да глумат илегални мигранти

од desk2
181 прегледи

Во Мексико постои тематски парк, кој паралелно со мигрантската криза на јужната граница им нуди на посетителите за помалку од 20 долари на сопствена кожа да почувствуваат како е да се биде илегален мигрант.

“ЕкоАлберто парк” им нуди на посетителите “целосно ноќно доживување”.

Картата за ова искуство се движи од 17 долари, колку што чини и стандарден пакет. За екстремна верзија, која трае пет часа треба да издвоите 24 долари, пренесува лондонскиот Дејли Меил.


Магазинот напоменува дека паркот во понудата има и “Ноќна прошетка” и покрај тоа што илјадници луѓе од Централна Америка се обидуваат да пристигнат до САД.

Паркот се наоѓа на околу 130 километри северно од Мексико Сити. Туристите прво ги ставаат во камиони со кои ги одведуваат до наводната граница, а тие потоа го следат Пончо, кој глуми криумчар.


Се наведува дека туристите преживуваат околу 5 % од она што вистинските мигранти го доживуваат во обид за преминување на границата.

“Условите се сурови таму каде што одиме. Налетуваме на кал, тунели, кањони, отровни растенија, змии, пајаци. Само замислете низ што сè поминуваат мигрантите…немаат вода, ниту храна, а можеби во овој момент се качени на кров од некој воз или пешачат низ ладни пустини”, вели човекот кој го глуми Пончо.


На крајот од патот ги чекаат лажни припадници на американската погранична патрола кои ги прогонуваат мигрантите.

Секретарката на паркот, Пјурифисасион Алварес рекла дека тие нудат единствена активност која не може да се најде на друго место.


“Целта е да се симулира она што го доживуваат мигрантите во обид да ја преминат границата со САД”, рекла таа.

Еден од вработените рекол дека оваа “Ноќна прошетка” претставува оддавање почит на сите мигранти.