Турција го блокираше пристапот до веб-страниците на „Гласот на Америка“ и „Дојче веле“

од Stefanija Kuzmanovska

Турското регулаторно тело за електронски медиуми го забрани пристапот до веб-страниците на турски јазик на американскиот државен медиум „Гласот на Америка“ (ВоА) и германскиот државен медиум „Дојче веле“ (ДВ). Регулаторната агенција на тој начин ја спроведе вчерашната пресуда на судот во Анкара за ограничување на пристапот до веб-страниците на двата медиума.

„Медиумите кои имаат дозвола да работат во Турција мора да ја избришат онлајн содржината што Врховниот совет за радио и телевизија (RTÜK) ја смета за несоодветна. Ова е едноставно неприфатливо за независен радиодифузер. ДВ ќе преземе правни мерки против актуелната блокада“, изјави извршниот директор на ДВ, Петер Лимбург.

Членот на RTÜK од опозициската Републиканска народна партија, Илхан Ташчи, изјави дека се противи на одлуката за блокада. „Ете ја слободата на медиумите и напредната демократија“, објави Ташчи на Твитер.

Синдикатот на турските новинари ја нарече одлуката на RTÜK цензура и дека Советот треба да престане да „забранува се што не му се допаѓа“.

Меѓународната организација Репортери без граници ја рангира Турција на 149-то место од 180 во нејзиниот светски индекс за слобода на медиумите. Организацијата вели дека во Турција „се користат сите можни средства за да се попречат критиките“, вклучително и конфискација на пропусниците за печат, цензура на интернет, тужби и апсења.

Слични содржини