Уапсен шефот на најмоќната италијанска мафија: Пет години бил во бегство (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska

По речиси пет години во бегство, вчераутро во Италија беше уапсен Паскале Бонавота (49), шеф на мафијата „Ндрангета“. Станува збор за човек кој е вклучен во полициската листа на најопасни криминалци, пишува Си-Би-Ес.

Бонавота се бараше од ноември 2018 година, откако избегна налог за апсење за убиство и поврзаност со мафијата, издаден од судија во Калабрија, јужна Италија.

Тој е уапсен во северниот пристанишен град Џенова, соопшти италијанската полиција.

Локалните медиуми јавуваат дека мафијашот бил уапсен кога излегувал од градската катедрала и дека со себе имал лажна лична карта.

Бонавота се смета за мозок на кланот „Ндрангета“, кој ги вклучува неговите двајца браќа. Нивното „седиште“ се наоѓа во областа Сант Онофрио во калабриската провинција Вибо Валентиа. Кланот оперира и околу Рим и во северните региони Пиемонт и Лигурија, што ја вклучува Џенова.

„Ндрангета“ е најмоќната и најбогатата италијанска мафија која го контролира најголемиот дел од кокаинот што се влева во Европа и оперира во повеќе од 40 земји ширум светот.

Овој клан не само што е вклучен во доменот на трговија со дрога и лихварство, туку користи и фиктивни компании како покритие за реинвестирање на нелегалниот профит во легитимен бизнис.

Бонавота побегна веднаш откако понискиот суд го осуди на доживотен затвор за две убиства извршени во 2014 и 2004 година. Тој беше осуден за убиство на понизок член на неговиот клан и шеф на ривалски клан. Додека тој беше во бегство, таа казна беше поништена од апелациониот суд во 2021 година.

Бонавота беше последниот преостанат осомничен во бегство вклучен во масовниот случај „Ндрангета“ што доведе до судење во 2021 година на повеќе од 300 мафијаши и нивните помошници.

Слични содржини