Украинскиот град Авдијевка станува „постапокалиптичен“

од Stefanija Kuzmanovska

Русија ја претвора украинската Авдијевка во „место од постапокалиптични филмови“ со оглед на тоа што гранатирањето станува се посилно, што предизвика речиси целосно затворање на градот на првата линија на фронтот, изјави локален претставник, пренесува „Еурактив“.

Околу 2.000 цивили останаа во Авдијевка, град во областа Доњецк, на околу 90 километри југозападно од опколениот Бахмут, соопштија властите, додавајќи дека пред руската инвазија, градот имал повеќе од 30.000 жители.

„Жал ми е што го кажувам ова, но Авдијевка се повеќе наликува на место од постапокалиптични филмови“, напиша на Телеграм шефот на градската воена управа Виталиј Барабаш.

Започна евакуацијата на комуналните работници кои се уште останаа во градот, а мобилната мрежа наскоро ќе биде исклучена „бидејќи во градот има доушници на руските окупатори“, додаде Барабаш.

Бидејќи руските сили неодамна постепено напредуваа кон Авдијевка, украинската војска минатата недела предупреди дека градот може да стане „втор Бахмут“ каде што повеќемесечните жестоки борби го претворија градот во урнатини.

Во неделата руските сили гранатираа две високи згради во Авдијевка, која се наоѓа на само 10 километри од северните предградија на градот Доњецк, кој е под контрола на Москва од 2014 година.

Русија негираше дека цели на цивили во војната против својот сосед, која сега веќе е во 13-ти месец.

Војната, на која не ѝ се гледа крајот, доведе до илјадници смртни случаи, милиони раселени луѓе, додека десетици украински жители се речиси или делумно збришани.

Слични содржини