Упатено предупредување за силен ветер во крајбрежните реони на Белгија

од Radmila Tasevska

Белгиското Министерство за внатрешни работи денеска упати предупредување за очекување на налети на силни ветрови во реоните на Белгија крај Северното Море во периодот од 12 до 20 часот, кои на места ќе достигнат брзина и од 80 до 100 километри на час.

Министерството ја активираше и дополнителната телефонска линија 1722 на која граѓаните ќе можат да пријавуваат оштетувања или да алармираат за потреба од помош, паралелно со јавувањата на постојаниот број 112.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, белгискиот Кралски метеоролошки институт соопшти дека во останатите делови на Белгија се очекува облачно време со ветер со брзина до 60 километри на час, додека во реонот на Ардените налетите ќе достигнат и до 70 километри на час.

За утре, на Божиќ според Грегоријанскиот календар, се најавува облачно време и слаб дожд со температури од 7 до 12 степени и умерен до засилен ветер со брзина од 60 до 65 километри на час, особено во крајбрежните региони.

Во текот на следната недела се очекува врнежливо време и постепено намалување на температурите во пресрет на новогодишниот викенд.

Слични содржини