Узунов: За Македонија пострашна е царината од 20 отсто која Трамп ја воведе на производите од ЕУ

од Vladimir Zorba
1,K прегледи

Воведувањето на американските царини за целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија ќе предизвика големи економски последици. Економските експерти сметаат дека последиците врз македонската економија нема да бидат директни со оглед на тоа дека немаме голем извоз во САД, но индиректните последици ќе бидат големи особено врз автомобилската и преработувачката индустрија. Тие не гледаат логика во воведување на толку високи царини од 33 отсто за Македонија, кои сметаат дека ќе ги сменат светските трговски текови и ќе влијаат на целокупната светска трговија, а со тоа и на македонската економија.

Ванчо Узунов, економски експерт и универзитетски професор за „Локално“ изјави дека за нас пострашна е царината од 20 отсто која Трамп ја воведе на производите од ЕУ, бидејќи македонската економија е многу поврзана со европската.

-Зошто Трамп воведе 33 отсто за Македонија не може да објасни ни тој самиот. Оваа стапка нема никаква логика, бидејќи не сме во групата на големи извозници во САД. Сепак, мене не ме загрижуваат овие 33 отсто кои се однесуваат на Македонија, туку оние 20 отсто кои се однесуваат на ЕУ. Македонија ќе биде погодена на индиректен начин преку царините кои се воведени за ЕУ, бидејќи ние најмногу соработуваме со европските земји и немаме голем извоз кон САД. Би било добро да имаме поголем извоз со САД, бидејќи тоа е голем пазар за нас. Во тој случај овие 33 отсто царина нема многу да не болат. Би ги смениле европските 20 отсто за 330 отсто за Македонија, изјави Узунов.

Според него, индиректниот ефект од царините на Трамп е многу пострашен отколку директниот. Затоа овие 20 отсто многу повеќе ќе се одразат врз македонската економија, отколку нашите 33 отсто.

-Повеќе од 50 отсто од македонскиот извоз е во Германија, а околу 90 отсто е во ЕУ. Тоа значи ако Германија биде негативно погодена и Македонија ќе биде негативно погодена. Со оглед на фактот дека 90 отсто од македонскиот извоз е во ЕУ, тоа значи како на 90 отсто од извозот да ни вовеле царина од 20 отсто, појасни Узунов.

Ова ќе предизвика поскапување во Америка, не во Македонија, бидејќи овие царини се однесуваат на производи што се продаваат таму. Така највеќе ќе настрадаат гласачите на Трамп.

-Трамп започна трговска војна со светски размери. Надворешната трговија и протекционизмот отсекогаш биле најдобри алатки за популизам. Жално е што највеќе ќе настрадаат тие што го подржуваат Трамп, смета професорот Узунов.

Македонија има дефицит во трговската размена со САД, извозот е околу 110 милиони евра, а увозот е 180 милиони евра. САД се на 24 место на листата на наши трговски партнери.

Б.С.

Слични содржини