Директорот на прес-службата на Ватикан, Матео Бруни, денеска изјави дека папата Франциск утре ќе биде пуштен од болница, откако во средата беше хоспитализиран поради бронхитис.
„Можам да потврдам дека се очекува папата утре да биде пуштен од болница, поглаварот на црквата утре ќе биде присутен на миса на плоштадот Свети Петар“, рече Бруни.
Тој додаде дека на папата му било добро во четвртокот, а од Ватикан денеска потврдиле дека и ноќта поминала мирно.
„Папата вечераше, јадеше пица, беше заедно со сите кои му помагаат додека е во болница: лекарите, медицинските сестри, асистентите и целиот персонал“, додаде Бруни.
Тој истакна дека утрово папата појадувал нормално, го прочитал весникот и се вратил на работата која можел да ја работи од болница.
„Враќањето на Неговата Светост во домот Санта Марта се очекува утре, по најновите утрински медицински тестови“, истакна Бруни.