Војската на Мјанмар убила повеќе од 30 лица во манастир

од Stefanija Kuzmanovska

Повеќе од 30 луѓе беа убиени во манастир во јужната држава Шан во Мјанмар кога армијата го гранатираше селото Нан Неин во саботата, соопштија одбранбените сили Карени (KNDF), луѓето кои живеат во областа, пренесе Би-Би-Си.

KNDF наведе дека убиените селани се криеле во локалниот будистички манастир.

Видеото на KNDF покажува најмалку 20 тела, некои од нив во жолта религиозна облека, додава Би-Би-Си.

На телата биле забележани прострелни рани, а на ѕидовите на манастирот биле видливи дупки од муниција.

Некои од околните згради и куќи биле изгорени до темел, за што KNDF тврди дека е резултат на воен напад врз селото.

Би-Би-Си јавува дека е тешко да се утврдат деталите за инцидентот, но и дека насилството при напади врз невооружени цивили не е новост во тој дел на Мјанмар, кој е едно од најсилните упоришта во борбата против воената хунта од државниот удар во февруари 2021 година.

Мјанмар бележи зголемување на смртоносните судири меѓу армијата и вооружените бунтовнички групи откако воената хунта ја собори власта пред две години.

Некои од најжестоките борби се водат во државата Шан, која се граничи со главниот град Најпидау и Тајланд.

Слични содржини