Во германската покраина Баварија, поради неправилно ладење, уништени се стотици вакцини против коронавирусот.
Се покажа дека баварското Министерство за здравство користело обични „кампинг кутии за ладење“ за транспорт на вакцината на компаниите „Бионтек-Фајзер“, кои мора да се се чуваат на температура од минус 70 степени.
Експертите се зачудени од баварскиот концепт за логистика поврзана со вакцините.
Во Кулмбах и некои други баварски области, минатата недела, по транспортирањето на вакцината, мерачите покажаа дека дозволената температура е надмината за два до осум степени, пренесува весникот „Франкенпост“.
Весникот посочува дека поради тоа стотици вредни вакцини морале да бидат уништени.
„Причината е најверојатно во индивидуалните околности на транспортот“, наведуваат локалните власти.
Истрагата на списанието „Шпигел“ покажува дека станува збор за несоодветни ладилни кутии што се користат за транспорт, а кои ги испратило покраинското министерство.