Во однос на 2018. година зголемени повредите на човековите права и слободи во Извештајот за 2019. година

Констатирани се повреди на човековите права за 5,82% од 2019. во однос на 2018. година.

Исто така, анализата покажува прифатените препораки бележат пад од 28,25% споредбено со 2018. година, кога процентот изнесувал 71,89%, стои во Извештајот за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи за 2019. година, презентиран денес во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Според Извештајот, статистиката покажува дека и во 2019-та година проблемите со кои се соочуваа граѓаните во остварувањето на нивните права во глобала остануваат исти, иако се бележи пораст на претставките во областите социјала, здравство и правата на детето.

Како што се наведува во извештајот, и натаму, најмногу поплаки има за работата на извршителите, односно, граѓаните најмногу се жалат дека не биле известени за иницирање на постапките за извршување, заради што биле приморани да платат неколкукратно повеќе средства од она што им се појавувало како долг.

Од областа правосудство, како и во 2018-та година, присутна е пракса на лоша комуникација помеѓу органите на државната управа и управното судство, која е на штета на ефективна правда, па граѓаните и натаму се приморани со години да чекаат на остварување на своите права.

Инклузивноста како основа за вклучување на сите деца во редовниот образовен процес уште на почеток од учебната година ги покажа слабостите, се вели во извештајот, што укажува дека овој процес бара добри и целосни подготовки, а не само носење на нов закон.

Во извештајот се посочува и дека дискриминацијата, по сите основи, но посебно мобингот и натаму е присутна во општеството, а правата од работен однос се прекршуваа особено во Министерството за внатрешни работи, каде се бележат поплаки за незаконски прераспоредувања.

Во извештајната година, народниот правобранител постапувал по вкупно 4.705 претставки, од кои 3.453 од извештајниот период, а останатите 1.252 биле пренесени од претходната година. Од вкупно 4.705 претставки по кои се постапувало во 2019 година, постапката е завршена по 4.225 или во 89,80 отсто случаи, додека по 480 претставки или 10,20 проценти постапката е во тек.

Од вкупно 3.454 предмети по кои постапувал народниот правобранител, во 1.219 или 35,29 отсто случаи биле констатирани повреди на човековите слободи и права на граѓаните.

Претставниците на опозицијата, на седницата посочија дека не постои констатација каде што немаат конструирано забелешки и дека извештајот не ѝ се допаѓа на власта „поради фактот што ги отсликува општествените текови и системот“, кој што, според нив, е во распад.

Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, потсетија дека со оглед на задоцнетото разгледување на извештајот, поголемиот дел од нотираните предизвици се веќе решени или во тек е соочување со истите.

Слични содржини