Во Русија денес 100.000 НОВОЗАРАЗЕНИ, црниот рекорд е соборен деветти ден по ред

од Nikola Popovski

Русија денеска за прв пат ја премина симболичната граница од 100.000 новозаразени со Ковид-19 дневно, рекорд што ја покажува силата на новиот бран предизвикан од високо заразниот сој омикрон.

Според Владата, во последните 24 часа се регистрирани 113.122 нови случаи на инфекција и 688 починати. Главниот град Москва сè уште е главното жариште на епидемијата во Русија со 26.488 новозаразени и уште 76 мртви во претходниот ден.

Ова е рекорден број новозаразени деветти ден по ред во Русија, која е земја најтешко погодена од коронавирусот во Европа.

Пандемијата сериозно ја влоши демографската криза низ која поминува Русија во последните 30 години, која загуби повеќе од еден милион жители во 2020 година.

Властите регистрирале 330.111 смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата, додека статистичката агенција Росстат, која има поширока дефиниција, информира за 660.000 смртни случаи, речиси двојно повеќе од официјалниот биланс.

Билансот се објаснува со слабиот одговор на вакцинацијата, како и недостатокот на мерки за затворање од пролетта 2020 година и општото непочитување на здравствените мерки како носење маски во јавниот превоз.

Иако Русија има на располагање повеќе вакцини, вклучувајќи го и Спутник V, помалку од половина од 145 милиони Руси досега се целосно вакцинирани, според специјализираната веб-страница Гогов.

По строгиот локдаун во пролетта 2020 година, руските власти одбија повторно да воведат такви ограничувања и покрај новите бранови на зараза, со цел да ги ограничат економските загуби.

Фото: Андрей Любимов / РБК

Слични содржини