Во снимката која се појави, Трамп откривал тајни за Иран и ја исмевал Хилари Клинтон

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот Си-Ен-Ен објави видео од 2021 година во кое поранешниот американски претседател Доналд Трамп зборува во Њу Џерси дека поседува документи од кои не е тргната ознаката за тајност.

Според извештаите, видеото вклучува и момент кога Трамп укажува дека држи таен документ на Пентагон со планови за напад на Иран.

„Ова се документите“, рече Трамп.

На снимката може да се слушне и Трамп како се шегува со своите соработници за мејловите на Хилари Клинтон. Изјавите на Трамп во видеото, во кои се вели „ова се документите“ и се однесуваат на нешто што се претпоставува дека е „високо доверливо“, може да ги поткопа неговите претходни тврдења дека немал никакви документи кај себе.

„Немаше никаков документ. Тоа беше огромна количина на хартии и се друго што зборува за Иран и други работи. Можеби биле задржани, но не биле документи. Не може да се тргне тајноста од тоа. Тоа беа приказни од весници, списанија, бројни написи“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.

Според аудио снимката која беше објавена, Трамп зборувал и за Иран.

„Само размислував, бидејќи разговаравме за тоа. И знаете, тие сакаа да го нападнат Иран. Ова се документите. Ова го направи војската и ми го даде мене. Како претседател, можев да ја отстранам ознаката тајно. Сега не можам, но знаете, ова е сè уште тајна“, вели Трамп, според снимката објавена од Си-Ен-Ен.

Поранешниот американски претседател претходно овој месец се изјасни за невин по 37 точки од обвинението поврзани со наводното лошо постапување со доверливи документи пронајдени во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида.

Слични содржини