„Војната на Путин предизвика екстремни економски проблеми“: Како помина првиот разговор меѓу Трас и Бајден?

од Vladimir Zorba

Американскиот претседател Џо Бајден и честиташе на новата британска премиерка Лиз Трас за преземањето на функцијата, во телефонски разговор во кој двајцата лидери ветија дека ќе ги зајакнат меѓусебните односи и ќе заземат заеднички став против Русија.

Трас и Бајден разговараа телефонски во вторникот попладне, а би можеле да се сретнат веќе на Генералното собрание на ОН на крајот на септември.

Од кабинетот на новиот британски премиер соопштија дека Трас и Бајден разговарале за зајакнување на соработката во НАТО и во безбедносниот договор што минатата година го склучија САД, Австралија и Велика Британија за соочување со Кина.

Трас со нетрпение очекува таа и претседателот Бајден „тесно да соработуваат како лидери на слободните демократии за да се справат со заедничките предизвици, особено екстремните економски проблеми предизвикани од војната на Путин“, се вели во соопштението на Даунинг стрит.

Трас ја презеде функцијата премиер во време кога Британија се соочува со најголемите предизвици во последните децении.

Таканаречениот специјален однос меѓу САД и Британија е силен во последните години, и покрај несогласувањата меѓу поранешниот американски претседател Доналд Трамп и поранешната британска премиерка Тереза ​​Меј.

Вашингтон и Лондон се сојузници во помагањето на Украина во нејзината војна против Русија и во спротивставувањето на кинеското влијание во регионот на Пацификот.

Но билатералниот трговски договор, за кој некои британски претставници се надеваа дека може да ги ублажи негативните ефекти од Брегзит врз трговијата и економијата, допрва треба да се материјализира во претседателството на Бајден.

Американски официјален претставник рече дека Белата куќа очекува Трас да ја продолжи политиката на Борис Џонсон и дека Бајден и Трaс би можеле да бидат сојузници во спротивставувањето на руската инвазија на Украина и на зголеменото влијание на Кина во индо-пацифичкиот регион.

Бајден добро се согласуваше со Џонсон, но може да има несогласувања со Трас за Северна Ирска.

Додека беше член на парламентот, таа воведе закон што го поништи протоколот за Северна Ирска, а Бајден инсистираше Британија да не направи ништо за да го загрози мирот кој трае четврт век во Северна Ирска.

Во соопштението на кабинетот на премиерот за телефонскиот разговор, се нагласува дека Трас и Бајден се согласиле дека е важно да се зачува мирот во Северна Ирска.

Слични содржини