Значителен дел од откажувањата е резултат на гасењето на непрофитабилната флота на компанијата „CityLine“ и повлекувањето на нејзините 27 авиони, а како причини компанијата ги наведува и работните спорови со вработените.
Повеќето авиопревозници се соочуваат со растечки трошоци бидејќи снабдувањето со нафта од Блискиот Исток е во голема мера прекинато поради блокадата на Ормутскиот теснец. Притисокот го чувствуваат и потрошувачите, бидејќи цените на авионските билети почнуваат значително да растат.
Извршниот директор на „Ryanair“, Мајкл О’Лири, овој април изјави за Скај Њуз дека постои ризик снабдувањето со гориво да биде нарушено од мај доколку Ормутскиот теснец остане затворен. Тој рече дека трошоците за нафта се дел од „пошироките последици“, но дека „непосредната грижа“ е самото снабдување со авионско гориво.
На ова се надоврзува и изјавата на директорот на Меѓународната агенција за енергија, кој минатата недела за АП изјави дека Европа „можеби има залихи на авионско гориво за уште шест недели“.
Во соопштение објавено во вторникот, Луфтханза појасни дека со укинувањето на 20.000 летови до октомври оваа година ќе заштеди 40.000 тони авионско гориво. Од таму додаваат дека откажувањата претставуваат само 1% од достапните километри преку авиокомпанијата.
Германскиот превозник спроведува консолидација на својата европска мрежа, укинувајќи непрофитабилни линии од своите хабови во Франкфурт и Минхен, додека истовремено ги проширува постојните линии од Цирих, Брисел и Виена.
Од Луфтханза порачуваат дека патниците и понатаму ќе имаат пристап до глобалната мрежа на линии и врски на долги релации. Сепак, капацитетот на долголиниските летови благо ќе се намали кон крајот на летото, кога од флотата ќе бидат повлечени шест интерконтинентални авиони.
Два легендарни Боинга 747 ќе бидат приземјени за зимската сезона 2026/2027 пред конечното повлекување во текот на 2027 година, додека четири авиони „Airbus A340-600“ трајно ќе бидат повлечени од сообраќај во октомври оваа година.