Зошто излегувањето на Емиратите од нафтениот картел е голема работа

Веста дека Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го објавија своето ненадејно излегување од ОПЕК, Организацијата на земји извознички на нафта, е многу значајна. Емиратите беа членки на таа организација дури и пред да станат независна држава во 1971 година, пишува Би-би-си

од Кристијан Димков
23 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/CNBC International

ОПЕК е организација, составена главно од заливските извознички на нафта, која со децении ја контролираше цената на суровата нафта преку намалување или зголемување на производството и доделување квоти на своите членки. Таа имаше клучна улога во нафтените кризи во 1970-тите, кои ја преобликуваа глобалната енергетска политика.

Додека со производството на ОПЕК доминира Саудиска Арабија, ОАЕ го имаа вториот по големина резервен производствен капацитет. Со други зборови, тие беа вториот најважен производител кој можеше да го прилагодува производството и да го зголеми за да го ублажи растот на цените.

Токму таа позиција доведе до долгорочно преиспитување на членството на ОАЕ во организацијата. Едноставно кажано, Емиратите сакаа да ги искористат значителните производни капацитети во кои вложија.

Квотите на ОПЕК им го ограничуваа производството на 3 до 3,5 милиони барели дневно. Товарот на членството во ОПЕК, во смисла на изгубени приходи, несразмерно го сносеа токму Обединетите Арапски Емирати.

Меѓутоа, моментот во кој е донесена оваа одлука укажува на последиците од војната во Иран. Тензиите во Заливот влијаеја врз односите на ОАЕ со Иран, а би можеле да влијаат и врз веќе затегнатите односи со Саудиска Арабија.

За ОПЕК ова е голем удар во моментот кога се поставува прашањето за неговата долгорочна опстојност.

Не е работата само во тоа што ОАЕ, откако целосно ќе ја вратат својата нафта на пазарот, веројатно ќе цели кон производство од 5 милиони барели дневно. Саудиска Арабија би можела да одговори со војна на цените на нафтата, која поразновидната економија на ОАЕ би можела да ја издржи, но посиромашните членки на ОПЕК веројатно не би можеле, што ќе влијае врз цените на нафтата.

Многу нешта зависат од саудискиот одговор. Високи функционери од Емиратите зборуваат за нови нафтоводи од нафтените полиња во Абу Даби кои би го заобиколиле Ормускиот теснец и би воделе до пристаништето Фуџајра (Fujairah), чии капацитети не се целосно искористени.

Еден нафтовод веќе денес е во интензивна употреба, но ќе биде потребен значително поголем капацитет за да се поддржи зголеменото производство и трајно да се изменат тековите и трошоците на танкерскиот сообраќај во Заливот.

Се разбира, додека трае двојната блокада на поморскиот сообраќај во Ормускиот теснец, овој потег не е главниот настан на нафтените пазари кој влијае врз цените на нафтата, гасот, бензинот, пластиката и храната.

Сепак, додека светот со право е фокусиран на цената на нафтата од 110 долари по барел, ова е причина да не се занемари можноста цената некаде следната година да се приближи до 50 долари, доколку, на пример, тензиите во теснецот се разрешат навреме за американските избори подоцна оваа година.

ОПЕК денес е помалку важен за светските нафтени пазари отколку што беше во 1970-тите. Тогаш контролираше 85% од меѓународно тргуваната нафта, а денес тој удел е поблизу до 50%. Нафтата е исто така помалку клучна за светската економија. ОПЕК сега има влијание, но не и монопол. Не може да го држи светот како заложник.

Водачот на ОПЕК, поранешниот саудиски министер за нафта шеикот Јамани, изјави: „Каменото доба не заврши затоа што на светот му снема камења. Така ни нафтеното доба нема да заврши затоа што светот ќе остане без нафта“. Тоа предвидува свет во кој јаглеводородите ќе бидат заменети со други извори на енергија.

Еден од начините на толкување на потегот на ОАЕ е дека тој најавува таков свет на намалена зависност од нафта. Постојат и други показатели во тековните превирања: кинеските вложувања во електрификација помогнаа да се ублажи економскиот удар од растот на цените на нафтата и гасот.

Според некои пресметки, електрификацијата на кинеските автомобили, камиони и возови ја намали побарувачката за нафта во втората најголема светска економија за милион барели дневно. Глобалната побарувачка за нафта би можела да стагнира како што овој тренд ќе се забрзува ширум светот.

Од таа гледна точка, има смисла да се кешираат што е можно повеќе нафтени резерви што е можно побрзо, пред побарувачката драстично да падне. ОАЕ поседуваат финансиска моќ и делумно диверзифицирана економија, заснована на финансиски услуги и туризам.

Многу ќе зависи од тоа што ќе стане новата нормална состојба откако ќе престанат непријателствата во Заливот.

Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК би можело да предизвика домино-ефект, а притисокот врз Саудиска Арабија сега ќе биде значителен.

Кога танкерите повторно ќе поминат низ Теснецот, или ако ОАЕ успеат во намерата да изградат нови нафтоводи, емиратската нафта ќе тече како никогаш досега, неоптоварена со обврските кон ОПЕК. Тоа нема да има голем влијание врз тековните блокади. Но, би можело да промени сè што следува по нив.