Време е за 2026 – или за будење?

Што можеше да биде подобро? Можеше државата да има план. Не импровизација, туку план. Долгорочен, конкретен, јасен, со рокови и со имиња на одговорни луѓе на одговорни позиции

од Vladimir Zorba
18 прегледи Фото: ChatGPT

2025 година ќе остане како една од оние години што не се ни катастрофа ни успех, туку нешто измеѓу – без мирис и без боја, ама со малку горчлив вкус во устата.

Ќе ја паметиме по тоа што повеќе зборувавме отколку што правевме, по надежите што ги имавме на почетокот и по компромисите што ги правевме до крајот. Ако нешто ја дефинира 2025-та, тоа е чувството дека можеше повеќе. Многу повеќе.

Ќе ја паметиме како година кога сите чекавме нешто да се смени – економијата да прооди, институциите да проработат, луѓето да се вратат дома наместо да бегаат, улиците да станат градски, а градот да стане место за живеење, не само за преживување.

Што можеше да биде подобро? Можеше државата да има план. Не импровизација, туку план. Долгорочен, конкретен, јасен, со рокови и со имиња на одговорни луѓе на одговорни позиции.

Можеше администрацијата да се однесува како сервис, а не како приватна сопственост.

Можеше образованието да стане приоритет, а младите да не бидат третирани како статистика. Можеше да се реагира порано, посериозно и поодговорно на секој проблем – од здравството, до инфраструктурата, па сѐ до корупцијата…

А можеше и политичарите да не мислат дека камерите се алатка за спас, а сликите од терен замена за работа. Но, очигледно, тоа е премногу да се бара во земја каде што фотосесијата има повисок приоритет од резултатот.

Што можеше уште подобро? Подобро ќе беше ако конечно научевме дека лојалноста кон партија не е исто што и љубов кон држава. Ако ја прифатевме вистината дека нема напредок без непријатни одлуки. Ако конечно разберевме дека промената не се чека туку се прави. Ако сфативме дека не може да бараме подобар живот додека гласаме за истото, го трпиме истото и се договараме со истото.

Подобро ќе беше ако имавме малку повеќе храброст и малку помалку страв. Да се каже, да се направи, да се ризикува. Да не се живее со логиката „ај нека помине денот“. Затоа што ден по ден, еве нѐ, стигнавме во уште една година со истите проблеми, само со поуморни луѓе.

2025 ќе ја паметиме како тест, а не како пресврт. Како предупредување, а не како победа. Како година која нè стави пред огледало и ни покажа дека не сме таму каде што мислиме, ниту таму каде што сакаме да бидеме.

Ќе ја паметиме како година што не ни даде одговори, ама не ни ги поштеди прашањата.

Прашањето е – ќе научиме ли нешто? Или во 2026 ќе гледаме реприза?

Локален херој