Државата е со граѓаните, а со нас денеска се нашите пријатели, мојот драг колега од Република Србија, Александар Вулин и српскиот помошник министер за кризни ситуации Лука Чаушиќ, кои ни испратија и 4 хеликоптери за гаснење на пожарите, кои ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата, сподели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани – особено е значајно кога човек во неволја не е оставен сам на себе. Затоа се со нас нашите пријатели, затоа ние сме со нашите граѓани.
Благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста при известувањето на медиумите, успеваме ситуацијата да ја ставиме под контрола.
И понатаму будно ја следиме состојбата, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва ќе стигнат од нашите пријатели и сојузници. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет“, посочи тој.