За да го обелат образот, граѓанските организации мораат да се спротивстават на партиите

од Vladimir Zorba

Дека на овој народ му е збоктисано од партиите и нивната корумпираност во овој момент е повеќе од јасно. Како да се урне партискиот олигопол и да се дојде до историско ослободување од стегите на партизмот е многу потешко прашање.

Во повеќе наврати сум потенцирал дека граѓанските организации се зрели да ја преземат од партиите улогата на носител на политичката артикулација во општеството. Зошто баш граѓанските организации?

Најпрвин, со нивното дејстување неминовна станува локализацијата на политиката. Со ова, во политиката станува излишна идеолошката кохерентност која претендираат да ја нудат партиите за да одговорат на „националните предизвици“. Во сегашната констелација, ова е само изговор за нивното ротирање на власт преку продавањето на божемска апсолутна вистина на масите, наспроти апсолутната лага на другите партии.

Кога не постои потреба од светоглед во кој сите поединечни ставови мораат да бидат меѓусебно конзистентни и да потекнуваат од една голема премиса за функционирањето на светот, тогаш лесно можеме да замислиме една поинаква констелација. Во неа, секој граѓанин е член или поддржувач не на една, и противник на друга партија, туку во исто време член или поддржувач на повеќе организации кои имаат конкретна мисија, во зависност од неговите интереси, а не е противник на никого.

На овој начин, за секое прашање би имало соодветна граѓанска организација способна да даде одговор, особено што токму овие имаат најголеми компетенции по тие конкретни прашања. Причината за ова е многу едноставна – луѓето во граѓанските орагнизации работат исклучиво на конкретни теми, и затоа најдобро ги знаат и имаат страст за нив.

Уште побитно, овој принцип ја отвара ширум вратата за директна демократија, затоа што овие организации ќе треба да го убедат мнозинството граѓани дека решението кое го нудат за конкретниот проблем на агендата е вистинскиот, и тоа ќе треба да го прават за секое посебно прашање кое се појавува на агендата.

Ова е во целосна спротивност од принципот на делегирањето на моќта преку претставничката демократија, според кој партиите можат да прават што сакаат, затоа што добиле мандат еднаш во четири години. Но најбитно од се, на овој начин целосно би се неутрализирала токсичната поларизација која создава крвници од партиските членови и симпатизери, а на останатите им создава одбивност и ги принудува на цинизам. Вака повеќе нема наши и ваши, туку само проблеми кои сите ги решаваат.

Зошто тогаш граѓанските организации едноставно не речат „влегуваме во политика“?

Затоа што не е толку едноставно. За ова е потребно целосно преструктурирање на системот, кој неговите патрони – партиите – нема никогаш да го дозволат. Некои граѓански организации сепак се трансформираат во партии, за да водат директна борба со партиите и да добијат власт во рамките на системот, ветувајќи дека тогаш ќе го променат.

Ова е пробано многу пати досега, се разбира неуспешно. Една граѓанска организација мора да ги прошири своите полиња на делување и да ги прифати конвенциите на политиката, за да стане достоен конкурент на етаблираните играчи. Меѓутоа во целиот овој процес, сега веќе екс-граѓанската организација ја губи својата оригинална цел и се конформира на системот кој сакала да го промени. Ако воопшто некогаш стигне до власт, таа би била нешто сосема друго од тоа што била претходно.

Поради тоа и повеќето граѓански организации се задоволуваат со советодавна улога, истражување, лобирање и други видови на потчинета „соработка“ со политичките актери, кои од време на време фрлаат некоја трошка за првиве да можат да се тапкаат себеси по рамо со нивниот успех.

Уште полошо, многу од граѓанските организации влегуваат на шемите на тинктенкови, институти и слични форми на работа за профит, станувајќи продолжена рака на крупни интереси и параван за партиските неморални игри. Поради тоа и граѓанскиот сектор денеска е толку дискредитиран, и цел на омраза на популистички политичари, кои бараат негова забрана или строга државна контрола, по примерот на Путин.

Ова решение претставува сечење на Гордиевиот јазол наместо негово отплеткување, и оттаму одраз на деструктивност која ја злоупотребува разочараноста на граѓаните за сопствени цели. Ваква симплификација на проблемот е политички дилетантизам кој на долг рок само ќе создаде авторитарно граѓанство и тоталитарна власт. Политичката теорија ги смета граѓанските организации за столб на демократијата, а тоа можат да бидат и во пракса, ако ваквите екстремистички идеи не прераснат во алтернативата на сегашната состојба.

Во таа насока, постои трето сценарио за граѓанските организации, различно од претходните две, кое би ја преродило политичката сцена. Тоа е создавањето на широка неформална коалиција на граѓански организации, која би имала за цел да ги претставува нивните поединечни политики во изборната арена, и во исто време заеднички да мобилизира на „грасрутс“ ниво, преку протести, креативни перформанси, колективни акции и секакви типови на директна интеракција со граѓаните за лоцирање и адресирање на неправдите со кои се соочуваат.

На овој начин се спречува можноста на партиите да ја угушат и претопат граѓанската организација во една од нив, затоа што нема да биде само една што се одважила да влезе во политика, туку многу. За ваков расплет, потребна е координација на граѓанските организации во процесот на нивната политизација, но тоа го овозможува самото нивно поврзување во коалиција. Ова врзување исто така ќе значи и филтрирање на автентичните од лажните, продадени и дискредитирани НВО за профит, а можеби оптимистички и нивно одврзување од крупните интереси.

Зачеток на една ваква коалиција веќе постои во некои иницијативи, но имаме долг и неизвесен пат до општограѓанско движење кое би можело да ја ефектуира системската промена која партиите не можат и не сакаат да ја остварат. Клучот за ова е да се убедат мнозинството граѓански организации да дејствуваат заеднички, на терен и на избори. Но денот кога ќе успеат да ги победат партиите, граѓанските организации ќе го обелат сопствениот образ и ќе ги остварат поединечните цели за кои се залагаат.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини