Забавена миграција на Укранците кон Германија

од Radmila Tasevska

Според извештајот на германскиот Федерален завод за статистика – Дестатис, Во Германија лани имало значително помалку преселувања од Украина, во споредба со претходната година, кога Русија ја започна воената инвазија на соседната земја, јави ДПА.

Дестатис посочува дека во 2023 година, во Германија од Украина се преселиле 277.000 лица, додека 156.000 лица заминале во спротивен правец, „што резултираше со нето имиграција од 121.000 лица“.

Во 2022 година, Германија регистрираше 1,1 милион Украинци кои пристигнаа во земјата и 138.000 кои се вратија назад во Украина, што претставуваше нето миграција од 960 илјади лица.

Но, дури и со минатогодишното нагло опаѓање бројот на мигранти од Украина е значително поголем отколку во годините пред руската инвазија.

Значителен дел од Украинците кои се преселуваат во Германија се жени (60 отсто) и деца (34 отсто), најверојатно поради украинскиот закон што бара полнолетните мажи да останат во земјата додека трае војната.

За време на неговиот говор минатата недела на Минхенската безбедносна конференција, украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на европските земји што ги примија неговите сонародници кои побегнаа од војната. Тој нагласи дека неговата влада ги презема сите неопходни мерки за да ја направи земјата безбедна за да можат во иднина да се вратат во татковината.

Според прелиминарните податоци, околу 40 отсто од Украинците, кои до средината на 2023 година преминале во Германија, биле самохрани родители со деца.

Високото ниво на имиграција од Украина доведе до раст на бројот на Украинци во Германија од 138 илјади во јануари 2022 година на 1,15 милиона во октомври 2023 година. Според „Дестатис“, во овој период учеството на Украинците во вкупното население на Сојузна Република се зголемило од 0,2 отсто на 1,4 отсто.

„Ова ги прави Украинците втората најголема странска групација во Германија во октомври 2023 година по Турците (1,6 отсто или 1,39 милиона), објави Федералната служба за статистика.

Слични содржини