Забрани за тешки товарни возила и за автобуси на неколку патни правци, за автомобили задолжителна зимска опрема

од Radmila Tasevska

На неколку патни правци низ државата воведена е забрана за автобуси и тешки товарни возила поради врнежите од снег.

Според информациите на јавното претпријатие „Македонијапат“ и Авто мото сојузот на Македонија, од 11:25 часот воведена е забрана за тешки товарни возила на патниот правец Битола- Ресен кај планинскиот превој Ѓавато.

Забрана за тешки товарни возила има и на граничниот премин Јажинце, како и на патниот правец од Гостивар кон Стража и Кичево, на патот од Маврово кон Дебар, како и на патниот правец од Струга кон граничниот премин Ќафасан.

Поради силен ветар и големи наноси на снег на потегот од село Рогачево до граничниот премин Јажинце од 08:40 часот е воведена забрана за автобуси и тешки товарни возила, додека останатите возила мора да имаат задолжителна зимска опрема.

На патниот правец Тетово – П.Шапка има забрана за сообраќај за автобуси, додека за другите возила е задолжителна зимска опрема (синџири).

Од јавното претпријатие „Македонијапат“ апелираат до возачите да ја почитуваат пропишаната законскa одредба за поседување задолжителна зимска опрема, да користат зимски гуми, да ја  прилагодат брзината кон условите на патот, како и да имаат топла облека во своите возила и полни резервоари за гориво.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека врнежите од снег во текот на денешниот ден наместа ќе бидат пообилни, особено во западните делови и во текот на ноќта ќе се повлекуваат кон југ. На планините ќе се формира значителна снежна покривка (над 30 см), а во пониските места од 3 до 10 сантиметри.

Од УХМР посочуваат дека утре претпладне во јужните делови ќе има променлива облачност и понекаде ќе провејува слаб снег. Од понеделник до средината на неделата времето ќе биде стабилно со услови за појава на магла по котлините и со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштаат и под минус 15 степени. Најстудено ќе биде во понеделник и вторник.

Најмногу врнежи од снег утринава има наврнато на Маврови Анови каде снежната покривка достигнала до осум сантиметри, пет во Попова Шапка и Дебар, два во Крива Паланка и Тетово, еден сантиметар во Крушево и Ѓуриште.

Поради дефекти во електродистрибутивната мрежа без електрична енергија се делови од Куманово, Битола и скопската општина Ѓорче Петров.

Центарот за управување со кризи повикувајќи се на информации од ЕВН Македонија информира дека без струја се дел од централното градско подрачје во Битола и Домот на култура, како и Долно Оризари и Карамани, додека во скопската општина Ѓорче Петров без струја се дел од Новоселски пат, дел од Волково, Орман и Никиштани.

Во општина Куманово без струја утринава се Деловце, Длабочица, Драгоманце, Жеглане, Малотино, Осиче, Арбанашко, Кокино и Буковјане.

Слични содржини